Македонија
25. February 2021 - 17:41

Пописот ниту ќе даде плус право, ниту ќе одземе некому право, порача Заев

Премиерот Зоран Заев денеска повторно ја повика опозицијата да учествува во пописот и рече дека оваа статистичка операција е преважна. Од пописот, според него, ќе произлезат информации кои се неопходни за развојот на државата.

-Вистински патриотски партии коишто се грижат за својата земја не го бојкотираат пописот, не изнаоѓаат начини за собирање потписи кога можат само со еден пратеник овде да го оспорат законот. Вистински партии во земји во кои 20 години нема попис, ете од кои било причини 20 години сме останале без попис, се вклучуваат внатре и учествуваат комплетно заради тоа што насушно и треба на државата за секој нејзин иден план оваа статистичка операција која ја вршат сите земји во светот, така и нашата, рече Заев на денешната собраниска седница одговарајќи на пратеничко прашање.

Нагласи дека СДСМ нема никаква намера да се инволвира во пописот од партиско-политички аспект. СДСМ, како што рече, повика и учествува во пописот, СДСМ нема никакви амбиции да реди, да мести попишувачи.

Премиерот Заев Заев ги повика членовите на СДСМ, кои како што рече, се 80 илјади, да се јават во  пописните комисии. Заев додаде дека очекува да се јават и од ВМРО-ДПМНЕ, како и сите наши граѓани, пред се, стручни лица да се јават на пописот. Патриотска партија која како што рече, се залага за македоноштината го повикува својот народ за да се попише за да бидат бројките толку колку што се во реалноста.

Според премиерот Заев, пописот ни е потребен зошто во нашето мултиетничко општество треба да се знае точно бројката на население по старост, по етничка припадност, по работоспособност на население… -Отворено повикувам да застанеме заедно, пред се, како граѓани затоа што пописот е важен за секоја земја која немала попис и сметам дека треба да се заврши пописот во државата, рече Заев

Тој во Собранието нагласи дека немаат ниту јавни, ниту скриени, ниту било какви заткулисни намери за пописот. -Пописот ниту ќе даде плус право, ниту ќе одземе некому право. Само ќе ги констатира состојбите во државата, оцени премиерот Заев. 

Нашите членови, како што рече, се граѓани на оваа наша земја и сакаат да има попис, и имаат право да конкурираат еднакво сите граѓани кои ги исполнуваат условите. Единствени параметри коишто ги гледам, како што рече, се етничка застапеност со соодветна покриеност заради доверба на процесот. Додаде дека во изборот на самите пописни комисии не е застапена верска или партиска припадност.