Македонија
21. September 2021 - 8:08

Попишани над милион граѓани, ДЗС тврди дека нема бојкот

Вкупно 1.037.309 лица, 323.286 домаќинства и 438.705 станови се попишани заклучно до 19 септември, до 20 часот. Можноста за самопопишување на лица во странство досега ја искористиле – 193.370 лица.

Од Државниот завод за статистика (ДЗС) за МИА потврдуваат дека граѓаните масовно се попишуваат, а бројките за наводни одбивања за попишување се измислени, целосно неточни и немаат никаков допир со реалноста.

– Дури и кај изолираните случаи на граѓани кои во прв момент не се попишале, подоцна при последователните контакти ја оствариле својата обврска и дале свој придонес и учество во пописот, посочуваат од Заводот.

Од ДЗС информираат дека казни не се пишуваат, бидејќи за тоа нема потреба. Попишувачите и граѓаните на терен соработуваат одлично, додаваат од Заводот во одговорот за МИА.

Пописот на населението, домаќинствата и становите во земјава официјално почна на 5 септември и ќе трае до 30 септември.