Бизнис
15. December 2015 - 13:02

Пониски продажните цени на производителите на индустриски производи

Во октомври годинава продажните цени на производителите на индустриски производи, вкупно, се пониски за 0,4 проценти на месечно ниво, а за 5,5 проценти на годишно ниво, објави денеска Државниот завод за статистика.

Во октомври во споредба со септември годинава продажните цени на производителите на индустриски производи, вкупно, се пониски во секторите „рударство и вадење камен“ за 1,4 проценти, „преработувачка индустрија“ за 0,3 проценти, a во „снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација“ за 0,5 проценти.

Во октомври годинава во однос на истиот месец лани продажните цени на производителите на индустриски производи, вкупно, се пониски во секторите „рударство и вадење камен“ за 8,9 проценти, во „преработувачката индустрија“ за 5,5 проценти, а во „снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација“ за 2,7 проценти.

На странските пазари, според податоците на Државниот завод за статистика, во октомври  годинава продажните цени на производителите на индустриски производи, се пониски за 0,9 проценти на месечно ниво, а за 6,7 проценти на годишно ниво. Во октомври во споредба со септември годинава тие продажни цени  се пониски во секторите „рударство и вадење камен“ за 2,2 проценти и „преработувачка индустрија“ за 0,7 проценти. Во споредба со октомври лани продажните цени на производителите на индустриски производи на странски пазари се пониски во секторот „рударство и вадење камен“ за 12,9 проценти, а во секторот  „преработувачка индустрија“ за шест проценти.