Свет
30. August 2017 - 18:02

Поништена одлуката на претседателот на Гватемала за протерување на претставник на ОН

Уставниот суд на Гватемала ја поништи одлуката на претседателот Џими Моралес за протерување на претставник на ОН кој ја истражува корупцијата во земјата.

Одлуката за протерување на раководителот на мисијата на ОН за борба со корупцијата, Колумбиецот Иван Веласкез Гомез, беше донесена по обвинувањата дека тој се меша во внатрешните работи на Гватемала.

Судот, претходно, ја суспендираше одлуката за протерување, а сега и покрај тврдењето на Моралес дека уставните судии немаат право да запираат претседателски наредби, истата ја поништи. 

Веласкез, кој се наоѓа на челото на мисијата  од 2013 година, претходно, ја поддржа одлуката на гватемалскиот државен обвинител, да се симне политичкиот имунитет на Моралес,  кој се соочува со обвинување за нелегално финансирање на претседателската кампања за изборите во 2015 година..

Комитетот за борба со корупцијата на ОН ја поддржа одлуката на гватемалските правосудни власти, а претседателот Моралес одлучи да го прогласи Веласкез за „персона нон грата“ и наложи веднаш да ја напушти Гватемала.

Одлуката на претседателот предизвика политичка криза во оваа централноамериканска земја, по која во знак на протест против политиките на Моралес седуммина високи политички функционери на земјата, меѓу кои и министри, поднесоа оставки.

Џими Моралес е поранешен комичар кој пред да стане шеф на државата никогаш не се занимавал со политиката. На изборите пред две години тој победи пред се поради ветувањата за конечна пресметка со корупцијата во земјата.

Неговиот претходник Ото Перез Молина сега се наоѓа во затвор откако беше обвинет и осуден за корупција.