Македонија
4. January 2016 - 14:27

Пониква со 25 сантиметри снег, патот прооден

Снегот кој од синоќа е присустен во источниот дел од државата не создаде проблеми во патниот сообраќај кој се одвива по влажни коловози.

Како што информираа од Подрачната единица на Македонија пат во Кочани, во текот на ноќта и во утринските часови екипи интервенирале на расчистување на патниот правец Кочани-Спортско рекреативен центар Пониква, од шумската куќа до паркингот на Пониква.

- Патот е оспособен за сообраќај и се одвива во зимски услови Наносите на снег на одделни места се исчистени. Снежната покривка на Пониква е 25 сантиметри, вистински зимски амбиент за љубителите на зимските спортови, изјави Влатко Митев, раководител на Подрачната единица на Македонија пат во Кочани.

Инаку на Пониква се очекува присуство на голем број гости за време на зимскиот одмор за што се ангажирани речиси сите сместувачки места во неколкуте хотели. Двата ски-лифта се очекува од утре да започнат со работа.