Свет
23. May 2018 - 8:47

Помпео: САД и натаму работат на Самитот со Северна Кореја

САД и натаму работат на тоа историскиот Самит со Северна Кореја да се одржи на 12 јуни, изјави американскиот државен секретар Мајк Помпео.

Обраќајќи се на новинарите по средбата на американскиот претседател Доналд Трамп со неговиот јужнокорејски колега Мун Џае-ин, Помпео рече дека средбата со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун во Сингапур можно е да биде одложена.

Помпео додаде дека Стејт департментот и Белата куќа и натаму работат на тоа да се „целосно подготвени“ за Самитот, со истите цели - денуклеаризација на Северна Кореја и создавање услови за таа земја веќе да не биде закана за светот.

Тој потенцираше дека Пјонгјанг би можел да профитира од американските инвестиции и технологии доколку спроведе денуклеаризација.

Претходно, Трамп изјави дека подготовките за негова средба со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун продолжуваат, но таа сепак може да биде одложена или откажана, ако не бидат исполнети некои услови.

Претседателот на САД, кој даде изјава пред средбата во Белата куќа со јужнокорејски колега Мун Џе-ин, го повтори својот став дека Северна Кореја треба да се денуклеаризира, за да се одржи средбата со Ким закажана за 12 јуни во Сингапур.

- Мислам дека Ким е сериозен. Мислам дека е сосема сериозен во неговата намера да ја затвори нуклеарната воена програма на Северна Кореја, рече Трамп.

Американските медиуми коменитраат дека Трамп се надева оти Мун Џае-ин ќе му помогне да ги сфати вистинските намери на севернокорејскиот лидер.

Трамп и Мун вчера спроведоа консултации во момент кога дојде до ново заострување на односите меѓу Сеул и Пјонгјанг, поради воените вежби кои ги одржуваат САД со Јужна Кореја. Поради тие вежби, Северна Кореја се откажа од средбата со Јужна Кореја и се закани дека ќе ја откаже планираната средба на Трамп и Ким.

По средбата на Трамп и Мун, портпаролот на јужнокорејската Влада најави дека разговорите меѓу Сеул и Пјонгјанг на високо ниво веројатно ќе продолжат по 25 мај и завршувањето на американско-јужнокорејските воени вежби.