Македонија
5. July 2022 - 20:43

Помор на риби во Раец - испуштена непозната течност од возило во реката

Испуштање непозната течност од возило е причина за поморот на риби во реката Раец во општина Кавадарци, покажа вонредниот надзор што го спроведе Државниот инспекторат за животна средина.

Надзорот бил извршен во месноста Фаришки клисури, а присутен бил и јавен обвинител.

Се работи на откривање на сторителот, а земени се и мостри од угинати риби и вода кои ќе бидат доставени до соодветна лабораторија за понатамошно испитување.

-Врз основа на добиена информација од Кабинетот на градоначалникот на општина Кавадарци Митко Јанчев за помор на риби во реката Раец, Кавадарци, денеска во доцните попладневни часови извршен е вонреден инспекциски надзор од страна на државен инспектор за животна средина од Одделението за инспекциски надзор во животната средина – Вардарски и Југоисточен, канцеларија Кавадарци. Констатирано е испуштање на непозната течност од возило во реката Раец, при што е дојдено до помор на риби, информира Инспекторатот.

Издадено е и соопштение за забрана за секакво користење на водите од реката Раец во селото Дреново.