Македонија
1. December 2018 - 8:49

Помирување, но без поминување на црвените линии

Во координативното тело за помирување и интеграција во македонското Собрание е постигната начелна согласност за процесот на помирување и за изготвување законско решение. Премиерот Зоран Заев, по средбата со членовите во ова тело рече дека е покажана политичка волја и подготвеност за ваков чекор, но посочи дека дека мора да се направи дистинкција од насилство и учество во настаните од 27 април 2017 година во Собранието.

– Да оставиме сега на правните тимови кои под раководство на овие посебни групи ќе ги направат следните чекори. Ние денеска изразивме политичка волја. Со моето гостување на самата група јас ја потврдив мојата лична волја и волјата како премиер. Волја и желба постојат, но црвените линии не смеат да се поминуваат, рече Заев, по вчерашната средба со членовите на координативното тело.

Не навлегувајќи во деталите од разговорите на средбата, Заев кажа дека треба да се разграничи што е насилство, а што не е насилство, што е тоа насилство, а што е физичко насилство, што е тоа реализација и осмислување и што е тоа некој да учествува во толпата, да биде заведен или понесен.

- Сите може да се согласиме дека терористичко загрозување на уставниот поредок не е нешто кое треба да ги опфати сите и не навлегувам подетално само кажувам како пример дека имаме потреба да направиме јасна динстикција и разграничување. Секако, пораката на помирување и подадена рака мора да постои, но и пораката на неповторување на вакви работи исто така мора да постои, рече Заев.

Додаде дека би сакал законот да биде донесен што е можно побргу, како што би сакал да бидат завршени порано и сите други процеси. На средбата, како што кажа, се разговарало за трите процеси што паралелно се водат, а тоа се интеграцијата, реформите и помирувањето.

- Не смее да заврши процесот овде на уставните измени. Сите се надеваме дека навистина ќе има најмалку двотретинско мнозинство за уставните измени, рече Заев. Тој е уверен дека паралелно движење на сите овие процеси ќе дадат резултати исклучиво во интерес на граѓаните на државата.

Потпретседателката на Собранието Фросина Ташевска Ременски, која е еден од претседавачите на интерпарламентарното тело истакна дека разговорите се водат во примарниот дух на стратешките цели на Република Македонија, а тоа е заокружување на процесот на уставни измени, добивање на членство во НАТО и секако процесот на отпочнување на разговори со ЕУ во јуни следната година.

Претставниците на сите политички партии, дел од ова тело, според неа, имаат консензус за патот на Република Македонија кон помирувањето.

– Релаксирањето на општествено политичката реторика мора да почне од Собранието за да може да рефлектира позитивна атмосфера за процесите  што ќе обезбедат иднина на Република Македонија, смета Ташевска Ременски.

Емилија Александрова, ко-претседавач од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, изјави дека на средбата имало конструктивна дебата и дека се формирани три подгрупи за интеграција, реформи и помирување, кои до вторник треба да ги разгледаат своите области и да излезат со конкретни предлози и решенија, со што би се дало динамика на целиот процес. Пратеничката потенцираше дека овие три процеси се меѓусебно поврзани и дека еден без друг нема да го дадат конечното решение, а тоа, како што кажа, е да застанеме на вистинскиот пат и еднаш засекогаш како свесни граѓани и политичари мораме да и дадеме шанса на нашата држава да оди напред.

ВМРО-ДПМНЕ не учествува во работата на телото за помирување, но од партијата најавија дека ќе поддржат законско решение доколку тоа не е селективно.

Тие како пратеничка група поднесоа закон за целосна амнестија за случувањата од 27 април, но тој на собраниската седницата што се одржа во понеделникот не ја доби потребната поддршка.