Свет
10. December 2018 - 15:17

Поминал вистинска голгота: Ова се последните зборови на убиениот новинар

„Не можам да дишам“. Тоа биле последните зборови што ги кажал Џамал Кашоги откако го заробиле саудиските убијци во саудискиот конзулат во Истанбул, јавува Си-ен-ен повикувајќи се на извор вклучен во истрагата.

Изворот кој го прочитал преведениот транскрипт од аудиоснимката на последните моменти на убиениот новинар, тврди дека е јасно дека убиството кое се случи на 2 октомври било испланирано.

За време на мачната сцена, Кашоги се борел за својот живот, тврди изворот.

„Не можам да дишам“, кажал тој. „Не можам да дишам“, повторил. „Не можам да дишам“, кажал уште еднаш, и тоа биле неговите последните зборови.

На транскриптот има и звук на пила, како и музиката која убијците ја пуштале за да го задушат звукот на сечењето на телото на убиениот новинар.

Понатаму во транскриптот пишува и дека непосредно по убиството биле извршени повеќе телефонски повици во кои на некој од другата страна му се давал извештај за извршеното убиство. Турските разузнавачи веруваат дека станува збор за разговори со луѓе од врвот на власта во Ријад.

Некои детали од овој транскрипт претходно беа објавени. Но, објавувањето на овие морничави и детални транскрипти од страна на Си-ен-ен ќе биде нов удар за американскиот претседател Доналд Трамп и неговата администрација кои од почетокот се трудат да го минимализираат случајот. Тие од самиот почеток му поверуваа на саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман дека нема врска со убиството, без оглед што многумина, вклучувајќи ја и ЦИА, веруваат дека токму тој стои зад сето ова.

Дека сомнежот е легитимен, зборува и фактот што токму многу луѓе блиски на саудискиот принц се поврзани со случајот. Убиениот новинар, колумнист на Вашингтон пост, беше голем критичар на прогресивниот режим на Бин Салман кој де факто ја има власта во земјата.

Кашоги на 2 октомври во саудискиот конзулат во Истанбул влегол за да добие документи за својата венчавка со турската свршеница. Тогаш почнува транскриптот што го пренесува Си-ен-ен.

Веднаш штом влегол, сугерира снимката, Кашоги сфатил дека нешто не е во ред. Препознал еден од мажите и го прашал што прави таму. Според извор на Си-ен-ен, станува збор за Махер Абдулазиз Мутреб, поранешен саудиски дипломат и разузнавач од тимот на Бин Салман. Кашоги го знаел од времето кога живеел во Лондон и кога заедно работеле во саудиската амбасада.

„Одиш назад“, му кажува мажот.

„Не можете тоа да го направите. Луѓе чекаат надвор“, одговара Кашоги. Пред конзулатот го чекала неговата свршеница.

Набрзо следи бучава. Очигледно многу брзо го нападнале новинарот.

Една од првите верзии на Саудиска Арабија, кога конечно признаа дека Кашоги е убиен, беше дека убиството се случило ненамерно. Но, транскриптот сугерира дека низ буката повеќе пати се слуша дека Кашоги кажува дека нема воздух.

„Не можам да дишам“. Токму тоа биле неговите последни зборови.

Транскриптот, вели изворот на Си-ен-ен, е релативно краток. Во него нема многу дијалог. Не се објаснува ни зошто Кашоги требало да „оди назад“, како што му кажал мажот кога влегол во конзулатот. Многу прашања остануваат без одговор и по овој транскрипт. Но, заклучокот е дека неговото убиство било најверојатно испланирано и синхронизирано и на крајот безмилосно извршено, а дека некој во Ријад за сето тоа бил информиран.