Македонија
5. September 2016 - 14:10

Помен за загинатите во бродската несреќа на Охридското Езеро

Делегации на Општина Охрид, на Бугарскиот културно-информативен центар во Скопје, на Капетанијата на пристаништа и на Здружението на граѓани „5 септември“, денеска положија цвеќе пред паметникот во Охрид во спомен на жртвите во бродската несреќа што се случи на денешен ден пред точно седум години, кога при потонувањето на „Илинден“ животот го загубија 15 туристи од Република Бугарија.

- Секоја година на овој ден оддаваме почит на оние невини луѓе кои загинаа во несреќата и се обидуваме да не ги заборавиме. Благодарни сме на Општина Охрид на оваа иницијатива, што не кани заеднички да им оддадеме почит на жртвите, рече Светлана Славова, директор на Бугарскиот културно-информациски центар во Скопје

Во име на Општина Охрид и во име на граѓаните цвеќе пред паметникот на жртвите во несреќата положи заменик-градоначаникот Ангел Јанев.

- Општина Охрид и граѓаните денеска се потсетуваат на оние 15 луѓе кои за жал загинаа во водите на Охридското Езеро. Сочувствуваме со нивните семејства, рече заменик-градоначалникот на Охрид Ангел Јанев.

Јанев во оваа прилика потсети дека и покрај несреќата, бугарските туристи се меѓу најбројните посетители што летуваат и воопшто што доаѓаат во Охрид.

- И покрај несреќата бугарските гости се постојано тука, го сакаат Охрид, езерото. Верувам дека вакви несреќи нема повеќе да се случуваат на Охридското Езеро, рече тој.

Горан Устијаноски, капетан во Капетанијата на пристаништа во Охрид, во име на институцијата и ресорното Министерство за транспорт и врски истакна дека се преземени значајни мерки за подобрување на безбедноста на цивилната пловидба на Охридското Езеро.

- Тој трагичен настан треба да биде водилка каде треба да се движиме и сите аномалии што биле дел од несреќата да бидат елиминирани во иднина. Ние како Капетанија и сите чинители задолжени за безбедност на пловидбата вложуваме напори како да ги подигнеме безбедносните стандарди, како во делот на подобрување на техничките стандарди со заострени правила и прописи во техничките прегледи на бродовите, контролата, така и во подигнувањето на свеста кај самите луѓе, која честопати е предудна за самата безбедност во пловидбата, рече Устијаноски.

Несреќата се случи на 5 септември 2009 година во 10:30 часот, кога потона бродот „Илинден“ што со 57 патници сообраќаше на релација од Охрид за Свети Наум. „Илинден“ се преврте и потона на околу 250 метри оддалеченост од брегот на езерото, кај автокампот „Елешец“.

Осум од жртвите беа жители на општина Антон, четворица од општина Пирдоп и по еден од општините Златица, Мирково и Рибарица.