Македонија
27. November 2017 - 15:47

Помалубројните заедници со свој канал на јавниот сервис

Со новите измени и дополнувања на законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги се предвидува отворање четврти канал на јавниот радиодифузен сервис, којшто ќе треба да ги опфати медиумските потреби на помалубројните заедници во Македонија. Јавниот радиодифузен сервис би имал прва програма на македонски јазик, Собраниски канал, трет канал со 24 - часовна програма на албански јазик и четврти канал, каде што би се емитувале програми на турски, ромски, српски, бошњачки и влашки јазик. 

Редакциите на програмите на помалуброните заедници се соочуваат го голем број проблеми при реализција на програмските содржини. Ердем Ахмет, новинар во редакцијата на турски јазик во МРТ денеска истакна дека максимата „Едно општество за сите“ би требало да важи за припадниците на помалубројните заедници во земјата, бидејќи и албанската заедница веќе има програма и телевизии кои емитуваат 24 часовна програма.Тој зборуваше во име на петте редакциии на помалубројните заедници на тркалезната маса „Предизвици и патот пред нас во насока на јакнење на капацитетите на редакциите на јавниот сервис на јазиците на заедниците“ што се одржа во организација на ОБСЕ. 

Зборувајќи за проблемите со кои се соочуваат овие новинари, Ахмет рече дека тие имаат една камера во смена па така некогаш имаат проблем да се договорат кој ќе ја користи, на интернет не постојат поради проблем на веб страната на МРТ, имаат кадровски проблеми односно во некои редакции работат само возрасни новинари, а има и редакција само со еден новинар. 

Тој посочи дека тие немаат информации за тоа која редакција колку часови програма ќе може да реализира на мајчиниот јазик на каналот наманет за нив, ниту пак како тоа финансиски ќе биде покриено. Побара раководното лице на овој четврти канал да биде избрано од нив, без да им се натура кадровско решение од друга етничка заедница. 

Главниот уредник на вториот програмски канал на МРТ Мигена Горенца, што ги покрива програмата на албански јазик и на заедниците, посочи на сериозните проблеми со кои се соочуваат новинарите особено од помалубројните заедници. 

- Потребни се нови луѓе, нова технологија, имаме желба да се развиваме, истакна Горенца. 

Проблемите со кои се соочуваат овие редакции се нотирани и во извештајот на експертот ангажиран од ОБСЕ, Џонатан Стонман.

Министрите за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски и за комуникации и отчестност Роберт Поповски ја истакнаа заложбата на Владата за решавање на проблемите во јавниот радиодифузен сервис и истакнаа дека од особено значење е јакнење на МРТ, а формирањето нов канал предизвик. 

Најави дека сите верзии на законот, кој се уште и е достапен на јавноста за коментари на ЕНЕР, ќе бидат доставени до ОБСЕ за и тие да се изјаснат за текстот. 

Манчевски уште еднаш повтори дека Владата не треба да биде мотор за решавање на проблемите на медиумите и новинарите и оти по последните дебати се отворила дилемата дали Владата треба да предлага што било. Моторот треба да бидат медиумските здруженија, дециден беше Манчевски.