Свет
11. February 2017 - 17:43

Полската премиерка полесно повредена во сообраќајна несреќа

Полската премиерка Беата Шидло (53) е полесно повредена во сообраќајна несреќа, кога едно приватно возило удрило во нејзиниот службен автомобил, по што возилото завршило во дрво покрај патот.

Инцидентот во кој учествувал и еден „Фиат-Уно“ се случил во близината на градот Освјенцим, каде се наоѓа и злогласниот нацистички логор Аушвиц, од Втората светска војна.Полската премиерка Беата Шидло (53) е полесно повредена во сообраќајна несреќа, кога едно приватно возило удрило во нејзиниот службен автомобил, по што возилото завршило во дрво покрај патот.

Шидло била префрлена во локалната болница, но по укажаната прва помош била итно префрлена во болница во Варшава, за детална контрола.

Во инцидентот се повредени и возачот на нејзиното возило, како и офицер на владината служба за безбедност.

Тоа е втора сообраќајна несреќа со премиерката Шидло во изминатите три месеци. Во ноември минатата година, во време на посетата на Израел, нејзиниот службен автомобил, што бил во обезбедувана колона, имал полесна сообраќајна несреќа.

Во тој инцидент Шидло поминала без никакви повреди.

Според полските медиуми, сообраќајни несреќи без последици во изминатите месеци имале и претседателот на Полска, Анджеј Дуда, како и министерот за одбрана, Антони Мацерјевич.

Полската полиција отвори службена истрага за сообраќајната несреќа кај Освјенцим, но министерот за внатрешна работа Мариуш Блашчак побарал итен состанок со раководните луѓе на владината служба за обезбедување на државните функционери.

Шидло е премиерка од 2015 година. Нејзината десно-центристичка Влада е изложена на нездоволство и противење од домашната демократска јавност, но и на остри критики од ЕУ за „газење“ на судската и медиумската независност.