Македонија
21. October 2020 - 12:01

Полската болница зависи од потребите и плановите на МЗ, МО и Армијата се на располагање, вели Шекеринска

Прашањето за полската болница не го диктираме ние, туку тоа зависи од потребите и плановите на Министерството за здравство, согласно одлуката за кризна состојба, во која што е предвидено и можна употреба на Армијата и во овој дел, изјави денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

Таа истакна дека МО и Армијата се на располагање и доколку постои потреба, како што рече, полската болница е капацитет што може да се стави на располагање практично за два дена.

– Јас се надевам дека тоа нема да биде неопходно, но секогаш е добро да имате и опција плус. Ние просторот којшто го користевме за мобилната болница веќе е обезбеден и искористен со монтажните болници, тие се подобар капацитет, но веќе разговаравме со министерот за здравство дека мобилната болница стои на располагање и може да се лоцира на други позиции на територија на цела држава, појасни Шекеринска.

Уште еднаш повтори дека МО и Армијата, како важна и сериозна институција, стојат на располагање за поддршка и изрази убедување дека тоа ќе се случува во следните месеци.

– И во овој момент дел од нашите воено-медицински ресурси се користат како поддршка на здравствените институции. Веќе разговаравме дека таа бројка можеме и да ја зголемуваме, така што нема поголем приоритет ни за безбедноста на државата од здравјето на луѓето, подвлече министерката за одбрана Радмила Шекеринска.