Свет
22. February 2018 - 13:08

Полска ги нарушува европските стандарди за квалитет на воздухот, пресуди Судот на ЕУ

Полска не ги исполнила барањата на европското законодавство за ограничување на загадувањето на воздухот, пресуди Судот на Европска унија.

Според директивата на ЕУ од 2008 година, земјите-членки мора да го намалат загадувањето на воздухот за да го заштитат здравјето на луѓето. Достапни проценки покажуваат дека повеќе од 400.000 Европејци секоја година предвреме умираат поради лош квалитет на воздухот, кој предизвикува болести како што се астма, срцеви заболувања и рак на белите дробови.

Во декември 2015 година, Европската комисија ја даде Полска на суд, затоа што меѓу 2007 и 2015 година дневните вредности на загадувањето во 35 од 46 зони за оценување на квалитетот на воздухот, редовно ги надминувале дозволените вредности. 

- Од тоа следува дека утврдените надминувања треба да се сметаат за траен тренд, соопшти Судот во својата одлука.

Тој исто така истакна дека мерките што Полска ги планирала за да го ограничи загадувањето на воздухот, ќе го доведат неговиот квалитет во согласност со европските стандарди најрано од 2020 до 2024 година.

- Аргументот на Полска дека нејзината финансиско-економска состојба не дозволува европското право да биде применето порано, сам по себе не може да оправда толку доцна исполнување на крајните рокови за ставање крај на тие надминувања, посочи Судот.

Полска е втората држава од ЕУ, за која е утврдено дека ги крши европските стандарди за квалитет на воздухот - во април 2017 година судот објави решение против Бугарија за такво дело.

Во последните недели европските институции презедоа строги мерки и против девет други членки - Велика Британија, Чешка, Германија, Шпанија, Франција, Италија, Унгарија, Романија и Словачка - заканувајќи им се суд, ако не достават предлози за подобрување на квалитетот на воздухот.

Одлуката против Полска е објавена во услови на влошување на односите меѓу ЕУ и Варшава по предупредувања кои Унијата ги упати за ерозија на владеењето на правото, која ја дозволила полската владејачка националконзервативна партија Право и правда.