Македонија
14. October 2019 - 16:45

Половина влада на работни средби со битолчани, вечерва владина седница во Битола

Владата денеска ќе ја одржи својата 159 седница во Битола, која ќе биде прва од низата кои во наредниот период ќе се одржуваат во различни региони во државата.

Теренските активности на министрите, пред одржувањето на седницата, започнаа со увидот на работите на рехабилитацијата на регионалниот пат Прилеп – Тополчани – Битола.

-Овој пат од 15-тина километри каде што е најмногу оштетен ќе биде во целост направен, претходно и Македонија Пат има санирано. Ќе биде направен во зададените рокови, изјави Горан Сугарески, министер за транспорт и врски.

Увид беше направен и во напредокот на изградба на пречистителна станица за отпадни води во потпелистерските села Трново и Магарево.

-Идејата на проектот е да ги собереме сите отпадни води во НП Пелистер, тоа е клучно, а ова е еден од најголемите проектни активности од цел проект кој се одвива низ цела земја, a најголемиот удел е во НП Пелистер, изјави Јани Макрадули, заменик министер за животна средина.

Министерот Филипче ги посети здравствените установи.

-Од пред неколку месеци во рамките на Здравствениот дом функционира систем во кој матичните лекари се вклучени во дежурствата. Во сабота, а ќе разговараме и за недела кој е проблем како неработен ден, матичните лекари да се вклучат во Службата за итна помош во Здравствениот дом во Битола и на тој начин значајно да се олесни пристапот на сите жители од регионот до здравствените услуги. Она што го решаваме во моментот е мобилната аптека, изјави Венко Филипче, министер за здравство.

Седницата на Владата која ќе започне во 18 часот, ќе се одржи во зградата на Општина Битола, со неа ќе претседава премиерот Заев, а ќе бидат присутни сите министри, како и градоначалниците на општините од пелагонискиот регион.