Македонија
29. December 2018 - 17:55

Половина од обвинетите во ,,27 април‘‘ амнестирани, судот одлучува по останатите барања

Половина од обвинетите во случајот „27 април“ кои побараа амнестија, ја напуштаат обвинителната клупa. Од кривично гонење ослободени се 15-мина. За нив обвинителството имаше позитивно мислење според законот за амнестија, а таквата одлука ја почитувал и Кривичниот суд.

Петтемина пратеници – Мукоски, Василевски, Арнаудов, Тарчуловски и Димовски. Тројца од организаторите на протестите „За Заедничка Македонија“ – Илиевски, Дамовски, Јовановски. Двајца од вработените во кабинетот на претходниот собраниски спикер, и уште петмина кои беа обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок добија помилување со законот за амнестија.

-Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Љубен Арнаудов, Јохан Тарчуловски, Љупчо Димовски

-Богдан Илиевски, Борис Дамовски, Владо Јовановски

-Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски

-Захарије Симовски, Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Илија Славевски, Митре Питроповски, се амнестирани од кривично гонење во случајот 27 април..

Богдан Илиевски-Бетмен кој беше во последната група амнестирани, кратко по одлуката на судот, се огласи на фејсбук.

„Си ги платив долговите, време по време . . . не извршив криминал но направив неколку грешки ... и ќе продолжиме да се бориме до крај...“, напиша Илиевски..

Амнестија за крвавиот четврток, не побараа петмина обвинети: екс директорот на БЈБ, Митко Чавков, Душко Лазаров, организаторот на протестите за Заедничка Македонија, Игор Дурловски, и обвинтетите Игор Југ и Јане Ченто.

Од кривичниот суд велат дека се одлучува и по барањата на 37-мина осудени во останатите настани поврзани со крвавиот четврток – тепањето на Села, нападот на Шеќеринска и осудените за учество во толпа. Негативни мислења обвинителството имаше за 36-мина. Од кривичен велат одлуката за нив ќе се објави во понеделник.

Инаку судењето за 27 април ќе продолжи во средината на јануари со завршни зборови за обвинетите кои не ги опфати законот за амнестија.