„Политико“: Борба меѓу Русија и САД за Балканот | Сител Телевизија
Балкан
6. December 2015 - 16:14

„Политико“: Борба меѓу Русија и САД за Балканот

Повикот на Црна Гора за членство во НАТО покажа дека САД тргнале во офанзива во борбата против Русија за влијание на Балканскиот Полуостров, но балканската камања на НАТО не се однесува само на оваа држава, пишува американскиот весник „Политико“.

Освен повикот на Црна Гора упатен на 2 декември, претставници на американската Влада и лидери на НАТО ги посетија Белград и Загреб во рамки на обновените обиди балканскиот регион да се вклучи во орбитата на влијание на Западот, наведува весникот.

Шефот на американската дипломатија Џон Кери разговараше оваа недела со српскиот премиер Александар Вучиќ, а две недели претходно во Белград беше генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, потсетува „Политико“ и додава дека Столтенберг говорел за „нов почеток“ во односите со Србија, која Вашингтон и сојузници ја бомбардираа во 1999 година во период од 78 денови. 

- Кампањата на НАТО остави горчлива трага во сеќавањата на Србија, која внимателно се обидува да оди напред со своето членство во Европската унија, истовремено балансирајќи меѓу Западот и Истокот, чувајќи ја при тоа својата воена неутралност. Урамнотежената надворешна политика на Србија се гледа преку официјалните посети на премиерот на земјата Александар Вучиќ, кој оваа година два пати беше во САД, а веднаш по втората посета на Вашингтон замина за Москва на состанок со рускиот претседател Владимир Путин, оценува „Политико“.

Весникот додава и дека минатата година Путин бил почесен гостин на големата воена парада во Белград.

- Севкупните односи со САД на Балканот станаа поодлучни и регионот станал особено важен во заднината на големите движења на меѓународната сцена...Конфронтацијата стана видлива во земјите, каде интересите на Русија и САД се судираат, како Србија и Црна Гора, смета воениот аналитичар од Загреб, Игор Табак. 

Држави, кои беа примени при последното проширување на Алијансата во 2008 година, се Албанија и Хртватска, потсетува „Политико“.

- Сега со Црна Гора, НАТО го зема Балканот дел по дел, смета поранешниот амбасадор на Италија во НАТО, Стефано Стефанини, кој учествуваше во преговорите за проширување од 2008 година.

- Само замислете го регионот на Балканот на вага. Секој пат кога ќе поместите тег, голем или мал, се менува рамнотежата, од стабилност до нестабилност, додаде Стефанини.

Истовремено членството во НАТО останува далечна перспектива за некои земји од Западен Балкан, Алијансата не одлучила дали да ги покани земјите, кои се оптоварени со нерешени територијални прашања, забележува весникот.

Босна и Херцеговина се уште се обидува да ги реши внатрешните несогласувања во рамки на сложениот политички систем, заснован на етнички принципи и создаден со Дејтонскиот договор од 1995 година, пишува весникот.

Во полето на интересите на НАТО влегуваат и Македонија, која има нерешени прашања со Грција, која е членка на Алијансата, како и Косово, кое не е признато од Белград, додава „Политико“.

Според весникот друг важен аспект на балканското проширување на НАТО е диверзификацијата на испораката на енергетски ресурски во Европа, што Вашингтон го смета за стратешки интерес на сопствената безбедност.