Македонија
3. July 2020 - 16:44

Политичките партии со ветувања пред граѓаните

Помалите политички партии со најразлични ветувања пред граѓаните во обид да ги освојат симпатиите и нивниот глас.

Доколку добијат мандат кандидатите од Граѓанската демократска унија ќе земаат само минимална плата од 14.500 денари и се откажуваат од приходите по сите основи над тој износ.

“Износот над минималната плата ќе го донирам во хуманитарни цели. И се откажувам од средствата предвидени за патни трошоци, кои ако нема правен модул како да останат во буџетот на Собранието, исто така ќе ги донирам за истите хуманитарни цели. Секој кандидат на листите за пратеници на ГДУ ќе потпише идентична изјава на нотар, иако дел веќе потпишаа”, вели Петар Колев од Граѓанско демократската унија, носител во ИЕ 3.

Проблемот со иселувањето на младите од земјава е во фокусот на повеќе партии. Со своја идеја како да се реши проблемот со одлив на мозоци, глас од граѓаните побараа Левица, Македонски концепт и Демократи.

 “Многу млада популација ни пристапува во последно време. Изготвивме материјали и флаери и за нив. Така што ги охрабруваме да излезат да гласаат за Левица, бидејќи таа е единствената опција, која што се бори за нив, за нивната иднина, за бесплатно здравство, за правата на работникот”, изјави Сенада Ибраимова од Левица, носителка на листа во ИЕ 6.

“Потребно е да работиме на тоа да претприемништвото кај младите биде врвна вредност, затоа што младите со тоа и возвраќаат на државата преку создавање на нова генерација. Младите не бараат ништо повеќе и ништо посебно, туку само фер шанса и можност да бидат свои”, вели Љупчо Божиновски од Македонски концепт.

“Еден од најголемите проблеми сегде во Македонија е иселувањето на младите. Масовно се иселуваат затоа што нема вработување. Сакаме да направиме една функционална држава, да ги задржиме младите, да креираме нови вработувања, отварања на фирми, фабрики”, вели Јорго Огненовски од Демократи.

Едно од ветувањата на коалицијата “Никогаш северна, само Македонија” е да спроведат попис на населението.

“Ветувам дека ќе го поништиме пописот од 2002 година, со кој Албанците лажно беа прикажани дека се 25,17%. Македонија мора да ја даде правата слика, мора да се преброиме и затоа една од првите задачи на Единствена Македонија ќе биде спроведување на нов попис”, вели Јанко Бачев од Единствена Македонија.

Алијанса за Албанците ветува дека сите албански деца, кои сега не можат, ќе учат на албански јазик.

“За жал, денес сме засрамени кога ги гледаме празни куќите на нашите браќа, училниците на нашите деца со малку ученици. Да не заборавиме дека има деца кои не успеале да го научат албанскиот јазик. На над 1.000 албански деца во Велес, Чашка, Битола и други населени места немаат можност за образование на албански јазик”, изјави Зијадин Села од Алијанса за Албанците.

Караваните на дел од помалите политички партии продолжуваат и вечерва.