Македонија
7. July 2022 - 16:44

Политички превирања - дали полицијата постапувала соодветно за време на протестите и инцидентите?

Чиј беше пропустот на вчерашниот протест кога се пукаше со пиштол, а граѓаните што протестираа кај плоштадот Скендербег беа нападнати со камења? Според МВР одговорноста лежи кај оние лица што ги предизвикаа немирите, имало доволно полициски службеници кои ги штителе граѓаните и навреме спречиле поголем инцидент. Министерот Спасовски не одговори конкретно зошто се чекаше прво лицето што се закануваше со пиштол да почне да пука, па да интервенира полицијата и да го уапси.

За опозицијата одговорноста треба да се бара на адреса на МВР, се потфрлило со полициски сили особено кај критичната точка, плоштадот Скендербег и инцидентот можело да заврши трагично по нечиј живот.

Премиерот Ковачевски ги осуди вчерашните настани- никаков револт не може да оправда употреба на огнено оружје, каменување, посегнување по нечиј живот.

“Ги повикувам политичките чинители да не ги вовлекуваат граѓаните во насилни протести, давајќи им лажни ветувања. Ваквите сценарија веќе ни се добро познати на сите нас. Вчера видовме страшен пример за политичари кои имаа несовладлива склоност да играат улога на жртва, поради голема желба за моќ. Ваквите „игри“ го покажуваат вистинското лице на оние кои се кријат позади народот. Еден ден ги потикнуваат на радикализам, веќе следниот се повлекуваат и оградуваат од граѓаните кои претходно ги изманупулирале

Од Левица пак со обвинувања кон СДСМ и ДУИ дека се обиделе да исценираат инцидент за подгревање меѓуетнички тензии.

“Политичките елити нема да успеат да ги вперат еден против друг Македонецот и Албанецот – бидејќи знаеме дека е сценарио кое постојано го наметнуваат кога народот се крева против нив. Сево ова се случува, само за да останат на власт и да ги задржат своите фотељи!”

Вчерашното крваво сценарио е во режија на Мицкоски и неговите коалициони партнери Левица и Алијанса за албанците, реагираат од СДСМ.

Од СПМ го осудија вчерашниот инцидент кој можеше како што велат да одземе човечки живот.

Оружјето најдиректно е вперено од најнеспособниот министер за внатрешни работи, а целта е избрана од најкатастрофалниот министер за надворешни работи, односно од целата делегитимирана Влада.Ова претставува очаен обид на губитник кој сака да го проддолжи своето владеење по цена на човечки животи и внесување во поширок ризик на сите граѓани на Република Македонија.Социјалистичката партија на Македонија бара одговорност од министрите за надворешни работи и за внатрешни работи.

Меѓусебните обвинувања за тоа кој го исценира вчерашниот инцидент почнаа уште синоќа веднаш по настаните, откако опозицијата обвини дека се работи за сценарио на СДСМ и ДУИ, а власта пак прстот го впери кон ВМРО-ДПМННЕ и Алијанса за албанците.