Македонија
30. November 2019 - 16:40

Политички препукувања- во чиј интерес е можното враќање на аболицијата од Иванов?

Автентичното толкување на членот 11 од Законот за помилување што го бара владејачката СДСМ нема да влијае врз одлуката на Уставниот суд. Оттаму за Сител посочуваат дека предмет на нивната иницијатива е уставноста на членот 11 а од овој Закон донесен во 2016та. Кај нив постои сомнеж дали според Уставот шефот на државата може да повлече еднаш дадена амнестија, како што предвидува овој член.

Уставниот суд во текот на следните денови до Собранието ќе ја достави целата агрументација зошто смета дека овој член е спротивен на Уставот и ќе го почека нивното мислење пред да ја стави оваа точка на дневен ред. Посочуваат дека се работи за стандардна процедура за секој предмет кој го работат.

Во меѓувреме и Собранието се подготвува за разгледување на барањето кое вчера го поднесе пратеничката група на СДСМ за автечтично толкување на членот 11. На координација во понеделник пратеничките групи и спикерот Џафери ќе ги договараат деталите, кога законодавниот дом ќе побара мислење од Владата и кога ова барање ќе се најде на седница на законодавно-правната собраниска комисија.

Во очекување на овие информации, власта и опозицијата втор ден меѓусебно се обвинуваат кој стои зад оваа иницијатива. СДСМ го повикува опозицискиот лидер да го поддржи нивното барање и да спречи заживување на аболициите на Иванов. 

ВМРО-ДПМНЕ стои зад иницијативата пред Уставниот суд која има за цел да ја оживее аболицијата на Ѓорге Иванов против која застанаа сите слободоумни граѓани освен режимската ВМРО-ДПМНЕ.

Со отворање на постапка пред Уставниот суд за оценка на членот 11 од Законот за помилување се заканува голема опасност за постапките кои се водат за прислушуваните материјали.

Инсталациите на ВМРО-ДПМНЕ во судството и обвинителството прават се за да го попречат владеењето на правото и да го урнисаат правосудниот систем, се вели во писменото соопштение на СДСМ.

ВМРО-ДПМНЕ пак се сомнева зошто оваа иницијатива поднесена до Уставниот суд пред повеќе од три години, ќе се разгледува токму сега.

Криминалецот размислува криминално. Тој што избегал од правдата на нечесен начин, со измама и со тоа дошол на власт, на ист начин, шверцерски повторно ќе се обиде да ги измами граѓаните. Тоа е суштината на овој театар што го сервира деновиве Уставниот суд со темпирано отворање на иницијативата за разгледување на уставноста на член 11-а од Законот за помилување. Стотици иницијативи за многу посуштински закони коишто имаат огромно влијание на секојдневното живеење на граѓаните во Република Македонија со години се чуваат во фиока, но Уставниот суд одлучи дека токму оваа иницијатива, после цели три ипол години добива приоритет и треба да добие приоритет баш во ова време. Гледаме дека дури и самиот подносител на оваа иницијатива е зачуден како уставните судии одлучиле да ја земат да работат токму оваа иницијатива, токму во овој момент, иако самиот вели дека во исто време поднел пет иницијативи, вели Стоилковски.

Членот 11 од Законот за помилување кој го спори сдсм предвидува дека претседателот по исклучок може да дава помување и без спроведување постапка пропишана со закон кога тоа е од интерес за Републиката или кога посебни околности што се однесуваат на личноста и на кривичното дело укажуваат дека тоа е оправдано.

Со членот 11 а пак кој собранието го додаде во мај 2016та и кој е предмет на иницијативата на Уставниот суд се предвидува дека шефот на државата во рок од 30 дена од донесувањето на законот може да го поништи помилувањето дадено без претходна постапка и дека нема обрвска да ја образложи ваквата одлука.