Македонија
23. јуни 2022 - 16:33

Полио плус ги седна градските власти за подобрување на условите за лицата со хендикеп

Полио плус ги собра на заедничка маса градските власти и директорите на јавните претпријатија. Целта на работилницата е да се подобрат условите за живот и работа на лицата со хендикеп. Тоа ќе се прави преку дополнување на постоечките програми и нивно усогласување со Конвенцијата за правата на лицата со хендикеп.

„Ќе се потрудиме да самите институции ги унапредат своите процедури и програми, внатрешна култура и нивно усогласување со конвенцијата за правата на лицата со хендикеп што ќе создаде овозможувачка внатрешна средина за идните вработени со хендикеп во нивните претпријатија“ - Елена Кочоска од Полио плус.

Од градот Скопје велат дека се отворени за соработка. Нагласија дека постојано работат на подобрување на условите за лицата со попреченост, но секогаш може подобро.

„Градот Скопје секогаш е на располагање за лицата со инвалидност и ќе се потрудиме во иднина да креираме политики коишто ќе бидат за доброто на лицата од оваа категорија“ - Ѓоко Велковски, секретар на Град Скопје.

На терен се зголемени контролите и казните за лица кои непроприсно паркираат на обележани места за лица со посебни потреби, велат од надлежното претпријатие.

„Насекаде конечно паркинг местата коишто се со специјална намена за таа категорија на лица се слободни секаде и се овозможуваат подобри услови за истите и така ќе продолжиме понатаму“ – Бојан Христовски, директор на ЈП „Градски Паркинг“.

Работилницата се организира во рамки на проектот „Инклузивни политики и знаења“, а ваквите состаноци ќе продолжат и во наредниот период.