Македонија
11. March 2021 - 19:57

Полицискиот час помина без поголем број прекршители

Само 12 луѓе без дозвола биле затекнати надвор за време на забраната за движење. Полициските службеници немале големи проблеми за време на првиот полициски час во оваа година.

-Најголемиот дел се на територијата на Скопје, седум лица, кои што се санкционирани затоа што не ја почитувале мерката за ограничување на движењето. Ја користам оваа прилика да апелирам до граѓаните да ја почитуваат оваа мерка, односно да не се движат надвор во периодот од 22 часот до 05 часот изутрина доколку немаат работни обврски за кои што има посебни дозволи и доколку немаат здравствени проблеми, вели за Сител портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.

Пазарните инспектори немале работа откако во сила стапи полицискиот час.

-Од страна на Државниот пазарен инспекторат бевме активнирани во сите делови на РС Македонија со тимови коишто иако имаат дозволи за работа во полициски час, сепак немавме дојави после 22 часот од страна на припадниците на Министерството за внатрешни работи со кои соработуваме и кои постапуваат по 22 часот. Се надевам дека така и ќе продолжи во периодот што ни следи, вели инспекторката Александра Котели.

Меѓутоа, пред почнувањето на ограничувањето - пазарните инспектори во Тетово растуриле роденденска забава во угостителски објект, а уапсен бил и сопственикот на ресторанот. Во текот на целиот ден извршиле 683 контроли и 41 надзор, но ситуацијата била мирна.

Полицискиот час останува во сила во следните две недели. Граѓаните кои имаат работни обврски за време на забраната треба да ги користат дозволи од лани. Оние кои имаат потреба од итна здравствена услуга или помош мора да пријават во полиција.

Казните за непочитување на полицискиот час за правните лица достигнуваат до 500.000 евра, а за граѓаните вообичаено се изрекува паричка казна од околу 1.000 евра или затвор до една година.