Македонија
29. January 2022 - 12:47

Полициска акција низ дискотеки: Уапсени тројца дилери, затекнати 56 малолетници

Полициски службеници од сите сектори за внатрешни работи во рамки на Бирото за јавна безбедност, во координација со инспектори од Државниот пазарен инспекторат од полнок до 4 часот изутрината спроведоа акциска контрола во угостителски објекти на целата територија на државата, во која биле исконтролирани 347 угостителски објекти, соопшти МВР.

При контролата во повеќе угостителски објекти после полноќ, како што се посочува, констатирано е присуство на 56  малолетници, спротивно на законот, а на подрачјето на СВР Велес утврдено е кривично дело „точење на алкохол на малолетно лице“, казниво по член 204 од Кривичниот законик и сите се соодветно санкционирани.

На подрачјето на СВР Скопје откриени се кривични дела по член 215 од Кривичниот законик, кој се однесува на „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекусори“, при што лишени од слобода се три лица, две на подрачјето на Центар и едно на Карпош. При преглед кај нив се пронајдени и одземени ќеси со бела прашкаста материја, грутчеста материја и марихуана.

Во угостителски објект на подрачјето на Центар во Скопје, затекнати биле лица без вакцинален сертификат, на кои ќе им бидат поднесени пријави согласно член 206 од Кривичниот законик, а од страна на ДПИ објектот е запечатен и ќе следи соодветна прекршочна санкција.

При спроведената акциска контрола покрената е соодветна постапка против две лица кои се однесувале агресивно и спречувале полициски службеници во вршење на службени дејства. Откриени се три прекршоци од Законот за заштита од пушење, три по член 8 од Законот за прекршоците против за јавниот ред и мир и еден од Законот за странци. Против сите лица кои сториле прекршок или кривично дело ќе биде поднесен соодветен поднесок, информираат од МВР.