Свет
17. November 2019 - 21:11

Полицијата во Хонг Конг издаде последно предупредување до демонстрантите: Ќе одговориме со боева муниција

Полицијата во Хонг Конг се закани денеска дека ќе одговори со боева муниција доколку учесниците во протестот користат смртоносно оружје и прават други насилни дела.

Еден полициец денеска во Хонг Конг е погоден со стрела кога полицијата употреби солзавец и водени топови во обид да ги растера демонстрантите кои го окупираа кампусот на универзитетот.

Стрелата погоди полицаец во потколеницата, а полицијата соопшти дека тој е префрлен во болница.

Демонстраните одбиваа да се повлечат, иако камионите со водени топови во обид да им се приближат на демонстрантите поминуваа преку циглите кои тие ги поставуваа.

Учесниците во протестот почнаа да се повлекуваат кон зградата на Политехничкиот универзитет дури кога се стемни, стравувајќи дека ќе се најдат во замка зошто полицијата користеше солзавец и им се приближуваше од спротивна насока.

Демонстрантите од покривите на универзитетот во кој се затворија, ги гаѓаа полицајците со стрели и молотови коктели.

Полицијата употреби солзавец и во другите делови од Хонг Конг, а во некои дистрикти имало директни судири со демонстрантите.