Македонија
28. January 2020 - 13:22

Полицијата предупредува на одрони по регионалниот пат Маврови Анови-Дебар

Полицијата ги предупредува возачите на поголема внимателност додека се движат по регионалниот пат Маврови Анови-Дебар заради зачестените одрони и влажниот коловоз. Маглата и последните врнежливи денови, особено на високoпланинските патишта и пред се по долината на Радика, најчесто доцнавечер и во раните утрински часови го отежнуваат безбедното движење.
 
– Во деновите кога значително се спуштаат температурите, на овие патишта можна е почеста појава и на голомразица, но и одрони од камења на регионалниот пат Маврови Анови-Дебар.Поради ова, апелираме до возачите да бидат крајно внимателни ако патуваат кон Стража, Маврово или Попова Шапка. Задолжително да поседуваат зимска опрема и да ја прилагодат брзината според условите на патот, вели Марјан Јосифоски портпарол на СВР Тетово.
 
На возачите, посебно оние кои вршат јавен превоз на патници со автобуси и комбиња им се советува, навреме да ја проверат техничката исправност на нивните возила, дотолку повеќе што неодамна започна второто полугодие, па нивните услуги секојдневно ги користат и голем број ученици.
 
Од СВР Тетово нагласуваат дека полициските службеници спроведуваат засилени контролни активности, во чие средиште се техничката исправност на возилата, како и брзината со која се движат во и надвор од населените места.
 
Техничките неисправните возила веднаш се исклучуваат од сообраќај и ќе се соочат со соодветни поднесоци, како и возачите кои ја надминале максималната дозволена брзина или кај кои е констатирано присуство на алкохол. згм/ев/