Македонија
14. April 2020 - 14:30

Полицијата поднесе 3 кривични пријави по вчерашните инциденти во Сингелиќ

Три кривични пријави ќе поднесе МВР по вчерашниот хаос во скопската населба Сингелиќ. Меѓу тројцата приведени кои ќе добијат кривична е и советник во општина Гази Баба од СДСМ. Министерот Чулев вели дека за останатите лица, кои по приведувањето излегоа на протест, ќе се разгледуваат материјалите, па ќе се поднесат соодветни пријави.

Чулев објасни дека полицијата забелажала слика на социјалните мрежи од поголема група на улицата „Алија Авдовиќ“ и по добиеното сознание, службеници се упатиле да извршат контрола.

-При пристигнувањето на полициските службеници на конректната локација забележана е група од 8 лица кои откако ги забелкежале полициските возила дел од нив се дале во бегство, а три лица останале на самото место при што од страна на полициските службеници биле лишени од слобода и биле спроведени во полициската станица Гази Баба за понатамошно постапување. При лишувањето од слобода едно од лицата се претставило како советник во општината од редовите на политичката партија СДСМ со што сакал да изврши притисок врз полицискиот службеници со цел истиот да не биде лишен од слобода, рече Чулев.

На вчерашниот протест се појави и градоначалникот на Гази Баба, Георгиевски, кој на насобраната толпа на луѓе им ветуваше дека приведените лица ќе бидат ослободени од Полициската станица.

Чулев вели Георгиевски од позиција на претседател на општинскиот кризен штаб во координација со МВР се појавил на протестот за да ја смири топлата.

Градоначалникот за Сител вели дека неговата задача била да превенира ескалација на состојбата.

-Мислам дека е дезинформирана јавноста и мислам дека е лошо пренесена мојата изјава. Ниту имам намера, ниту имам право некого да ослободувам. Такво право има Министерството за внатрешни работи. Се најдов во улога да превенирам во толпата народ каде што ветив ќе го викнам началникот за да ја објасниме состојбата и луѓето да ги извадиме доколку има таков начин. Ниту сум тој кој тоа може да го прави. Има органи кои тоа го тераат во МВР, вели Георгиевски за Сител.

Во Сингелиќ денеска беше мирно. Жителите не сакаа да зборуваат пред камерите, но велат дека полициските службеници вчера влегле во нивните домови и брутално ги однеле во станица.

Жителите на Сингеликј зад камерите тврдат дека вчера полицијата интервенирала поради тоа што тие поставувале легнати полицајци на улицита „Алија Авдовиќ“. Велат дека долго време барале од властите да се постават, но сега се организирале самите.

Сепак, Чулев ги отфрли тврдењата на жителите дека била користена сила. Според него, позадината на ваквите дезинформации е политичка.