Свет
25. August 2020 - 9:56

Полицијата на американскиот град Кеноша фрли солзавец врз демонстрантите

Демонстрантите во американскиот град Кеноша синоќа, втора вечер по ред, се собраа да го изразат својот револт од бруталноста на локалната полиција,  која во неделата пукаше во грбот на еден Афроамериканец од градот.

Полицијата употреби солзавец за да ги растера стотиците демонстранти кои ја прекршија наредбата за полициски час и фрлаа шишиња врз полицајците.

Киноша стана последното жариште на протестите во САД откако на социјалните мрежи во неделата се сподели видео на кое се гледа како полицијата пука во Афроамериканецот Џејкоб Блејк (29), кој беше хоспитализиран и се наоѓа во критична состојба..

Демонстрантите собрани пред судот извикуваа „Нема правда, нема мир“, и потоа и се судрија со  припадниците на полицијата, кои беа пред влезот во зградата.

Полицијата прво фрли солзавец 30-тина минути по почетокот на полицискиот час, но демонстрантите одбија да се разотидат. Стотици демонстранти останаа на местото на настанот, палејќи оган и викајќи кон припадниците на полицијата.

 

 

Тензиите ескалираа во текот на вчерашниот ден, откако прес-конференцијата на градоначалникот на Кеноша, што првично требаше да се одржи во паркот, се премести во обезбедената зграда. Стотици демонстранти упаднаа во зградата во текот на прес конференцијата и ги искришја вратите пред полицијата да употреби солзавец за да ја растера толпата.

Полицијата во Кеноша соопшти дека реагирале на повик за решавање на спорот.

Локалните власти, меѓутоа, не кажаа дали Блејк е вооружен и зошто полицијата отворила оган, ниту, пак, дадоа детали за инцидентот, како и информации за расата на тројцата полицајци кои биле на местото на настанот.

Човекот кој тврди дека го снимал видеото, наведува дека видел тројца полицајци како му кажувале на Блејк да го фрли ножот пред да почнат со пукање, и дека тој лично не го видел ножот во рацете на Блејк.

Гувернерот Тони Еверс изјави дека нема информации за тоа дали Блејк имал нож или друго оружје и дека во моментот се води истрага за случајот. Тој го осуди пукањето, посочувајќи дека, иако не се познати многу детали во врска со овој случај, Блејк не е првиот Афроамериканец или личност која е застрелана, повредена или убиена од припадници на полицијата во САД.

Кандидатот на демократите за претседател на САД, Џо Бајден, побара „итна, целосна и транспарентна истрага“ и истакна дека полициските службеници „мора да сносат одговорност“.