Свет
16. јуни 2016 - 11:30

Полицијата го пронајде телото на двегодишникот нападнат од алигатор

Полицијата го пронајде телото на двегодишникот кого во текот на посетата на ресортот во рамките на тематскиот парк Disney World го нападна алигатор и го одвлече под вода пред очите на неговото семејство, извести CNN во средата ноќта.
 
Момченцето во вторникот вечерта, додека бил со своето петчлено семејство си играл на брегот на езерото „Лагуна на седумте мориња“ (Seven Seas Lagoon), го нападнал алигатор и го одвлекол и покрај обидите на таткото да го истргне од неговата челуст. Се проценува дека алигаторот бил долг меѓу 1,2 и два метра.
 
Претходно припадниците на служба за надзор на дивите животни фатиле и убиле пет алигатори во истата лагуна, но се покажало дека тие алигатори не го нападнале детето.
 
Агенцијата DPA извести дека телото на момченцето е најдено цело во близина на местото на нападот, што шерифот на округот Оринџ, Џери Демингс го наведува на заклучокот дека детето е удавено.
 
„За мене нема сомневања дека алигаторот го удавил момченцето“, рекол Демингс.
 
Спасувачките екипи од вторникот вечерта го пребаруваат вештачкото езерце, длабоко до четири метри, а одморалиштето „ Disney's Grand Floridian Resort & Spa“ веднаш ги затвори своите плажи и марини.
 
Во потрагата, во којашто се користени и подводни сонари, учествувале околу 60 полицајци и експерти за диви животни, хеликоптери и нуркачи.
 
„Grand Floridian“ е луксузен ресорт во сопственост на компанијата „Disney“ и се наоѓа во близина на тематскиот парк „Magic Kingdom“.
 
Алигаторите живеат ширум Флорида и претставуваат важен дел од екосистемите на мочуриштата, реките и алигаторите. Од 1948 година овие животни во оваа американска сојузна држава убиле 48 луѓе, велат стручњаците.