Македонија
31. May 2020 - 16:42

Полицијата да биде ослободена од партиската политика, побара првиот човек на БЈБ


Директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски денеска ги отфрли обвинувања, кои на негова сметка беа упатени од страна на министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, кој одговорноста за непочитување на мерките за заштита од епидемијата поради што се случи драматичен пораст на новозаболени ја пренасочи кон првиот човек на БЈБ.

Тасевски во изјава за НОВА побара полицијата да биде ослободена од интересот на партиската политика.

-Јас сум професионалец кој својата кариера ја изгради во МВР, чекор по чекор, без дамки и сенки. Затоа со право можам да кажам дека МВР има професионалци без оглед дали се политички определени или неопределни кои ја сакаат државата и сакаат да работатат почитувајќи ги професионалните принципи. Ако тие се ослободат од партискиот притисок полицијата ќе постапува со сиот свој капацитет и интегритет, нагласи Тасевски.

Потенцира дека тој не е политича и затоа нема намера да се впушти во преписки со технички министер Чулев.

-Само ќе го потсетам на неговите изјави дека полицијата нема да казнува и затоа храбро нека се соочи со последиците од таквите негови изјави. Началниците назначени од него се срамат од своите постапки и се борат со нивниот професионализам од една страна и партискиот притисок од Чулев од друга страна. Зголемувањето на бројот на заболени покажа дека тие партиски мотивирани насоки се одразуваат лошо на сите нас. Колегите се свесни за ова и во периодот кој претстои убеден сум дека ќе го корегираат своето однесување и ќе постапуваат во интерес на граѓаните. Полицијата има единствена задача, да ги заштити чесните и дисциплинирани граѓани, а да ги казни оние кои не ги почитуваат правилата. И тука не смее и нема да има простор за политичко-партиски калкулации, рече Тасевски.

Тој додаде дека во МВР има формирано координативно тело со кое раководи техничкиот министер со цел да се бори со пандемијата. -Очигледно е дека политиките кои ги води техничкиот министер во ова тело, а кои се операционализираат во оперативата на БЈБ не се на задоволително ниво за кои јас како директор побарав да се променат но не наидов на разбирање, вели во изјави за НОВА, директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски.

Чулев по прозивките во јавноста околу одговорноста за непочитување на мерките за заштита од епидемијата, одговорноста ја пренасочи кон Тасевски.

-Доколку имаат сомнеж дека полицијата не постапувала соодветно, тоа прашање треба да го упатат до Директорот на Бирото за јавна безбедност и од него да побараат одговорност. Јас во неколку наврати усно преку Координативното тело на МВР, но и писмено побарав навремено, неселективно, целосно и соодветно спроведување на одлуките на владата. Заштитата на здравјето, не е политика. Тоа е оперативно постапување на полицијата што е во целосна надлежност на Директорот за јавна безбедност, факт кој тој во неколку телеграми го потврди и потенцира, напиша Чулев на својот Фејсбук профил.

На изјавата на директорот на БЈБ денеска реагираат началниците на СВР Скопје, СВР Штип, СВР Струмица и СВР Охрид, кои од него бараат извинување.

Началникот на СВР Скопје, Ристо Ставревски во допис до медиумите напиша дека министерот Чулев е тој кој што дава поддршка за неселективната борба против криминалот, додека директорот Тасевски се занимава со дневна политика.

-Јас сум горд што сум дел од тимот кој што ја менува сликата на работењето во Министерството за внатрешни работи, горд сум што сум дел од високата раководна структура во Министерството со кое раководи министерот Наќе Чулев, кој пожртвувано се бори за правата на полициските службеници кои успешно се справуваа во борбата против пандемијата на КОВИД – 19, вели началникот на СВР Штип, Александар Николов,
 
Началникот на СВР Струмица, Васил Тодоров пишува дека министерот Чулев до сега секогаш се залагал за целосно почитување и спроведување на законот, додека началникот на СВР Охрид, Илија Милески во целост ги отфрла како неточни наводите во изјавата на директорот Тасевски.
 
-Наводите изнесени во денешната изјава се чисти лаги.  Јас, а верувам и ниту еден од моите колеги нема кажано таква изјава и во таа насока инсистирам во иднина да престане злупотребата на моето име и името на моите колеги во политички цели, но и генералното злоупотребување на полицијата со такви намери, вели Милески.