Македонија
7. February 2020 - 17:54

Полицајците приведени на разговор биле директно вклучени во снимањето на ПИ мерките за Поткуп

Четврорицата полицајци кои пред 6 години ја снимиле снимката која беше доказ против екс премиерот Заев во случајот Поткуп вчера биле повикани во обвинителството за организиран криминал во врска со предистрага за тоа како оваа снимка протекла во медиумите.

„Во текот на вчерашниот ден беа повикани четири лица, вработени во Министерството за внатрешни работи, во својство на сведоци. Лицата уредно се одзваа на поканата и дадоа свои искази пред јавен обвинител од Одделението за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Имено, во текот на месец јануари оваа година во одредени медиуми е објавена снимка која е материјален доказ прибавен со примена на Посебни истражни мерки. Министерството за внатрешни работи во насока на утврдување на одговорните лица и расветлување на настанот го анализираше објавениот материјал, по што го извести обвинителството за понатамошно постапување.“ – стои во соопштението на Обвинителството.

Од таму додаваат дека е издадена наредба за вештачење на нивните телефони и најавуваат дека во наредниот период дополнително ќе се повикуваат сведоци.

Вчера дел од медиумите објавија дека станува збор за лица од тимот на актуелниот министер Чулев, кои ваквите написи ги нарече лажни вести и најави соодветни постапки до регулаторните тела во медиумите.

Инаку снимката за случајот Поткуп судот ја прегледуваше зад затворени врати. Претходно, одбраната на Заев побара таа да биде пуштена на јавна седница, но обвинителството не се согласи па апелацискиот суд пресуди, за време на емитување на снимката, новинарите да ја напуштат судницата.