Македонија
17. September 2018 - 16:59

Полицајци ја однеле актерката Ристиќ на психијатрија

Актерката Ирена Ристиќ била приведена додека собирала пикавци во паркот  покрај Влада. Одбила алко тест па ја однеле во психијатриската болница во Бардовци. Шокирана од односот на полицијата актерката раскажа на Фејсбук за синоќешниот случај за кој не добила никакво објаснување.

- Зошто не смеам да ги метам пикавците покрај Влада? (таму не фрлаат граѓаните, туку токму оние кои фрлањето отпад треба да го санкционираат) пиошува Ристиќ .

Била држена неколку часа во станицата Беко  и не и било дозволено веднаш да повика адвокат. Тврди дека полицајците ја омаловажувале,  навредувале а одбиле и да се легитимираат.

„Ниту еден, значи, ниту еден од полицајците не се легитимираше и не се претстави, а уште помалку најде за сходно да објасни зошто сум така третирана-  објаснува Ристиќ.

„Сите до еден беа груби и некултурни. Ми се обраќаа со “ма” и “мори”…

Гласно ме пцуеја!

„Не попуштав под ниту еден притисок и закана!

Ги барав своите права!

Барав адвокат пред да кажам било што… “Многу филмови гледаш…” рекоа… стои во Фејсбук статусот на актерката.

По три часа во станица и дозволиле да го повика адвокатот Јанаки Митревски. Тој за Сител вели дека во синоќешното приведување на Ристиќ прекршени се повеќе законски процедури.

Од МВР соопштија дека со актерката било приведено уште едно лице 32 годишен скопјанец бидејќи викале на висок тон и дрско и непристојно се однесувале. Почнале да ги навредуваат полицајците по што биле приведени. Ристиќ била однесена во ургентниот центар за да даде крв и урина бидејќи одбивала алко тест.

„Таа, исто така, одбила да даде крв, по што била однесена во ЈЗУ Психијатриска болница - Скопје, со цел добивање на мислење од стручно лице врз основа на надворешните манифестации и симптоми на лицето.“ стои во соопштението од МВР

Полицијата поднела две прекршочни пријави против актерката Ирена Ристиќ за нарушување на јавниот ред и мир и навреда на  службено лице за што се предвидени парични казни од  100 до 400 и од 600 до 900 евра. Прекршочно ќе одговора и лицето кое заедно со актерката чистело пикавци и го нарушил јавниот ред и мир во околината на Владината зграда.