Македонија
14. September 2019 - 16:45

Поквалитетна крв за македонските пациенти

Поголема контрола и побезбеден транспорт на крвта од сите градови до Скопје воведе Институтот за трансфузиона медицина. Со имплементација на европските стандарди македонските пациенти почнаа да добиваат поквалитетни крвни продукти. Со новиот систем точно се знае колку резерви на крв има во државата. Исклучена е можноста за човечка грешка од донирањето до давањето на пациентот. Исто така со воведувањето на нова технологија се овозможува рано откривање на инфекции кои се пренесуваат преку крв за разлика досегашната метода која траеше многу подолго.

-Со воведувањето на новите стандарди секако дека се подобрува квалитетот на крвните продукти, како на еритроцитите, така и на свежо смрзнатата плазма и на тромбоцитниот концентрат. Секако крвните продукти бараат и соодветни услови за чување и тие се исполнети, изјави д-р Садула Усеини, директор на Институтот за трансфузиона медицина Скопје.

Воведувањето на високите стандарди на Институтот за трансфузиона медицина позитивно се оценети од врзвни европски трансфузиолози.

-Врвни стручњаци од Хрватска го следеа целиот процес и воведувањето на современите стандарди, изјави д-р Венко Филипче, министер за здравство. 

Целата постапка на воведувањето на стандардите од Европската комисија траела година и половина. Комплетно се реновирани 830 квадрати во Институтот и обезбедени се модерни услови и за вработените и за чување и обработка на крвта.