Македонија
7. May 2018 - 19:03

Покренато обвинение за смртта на малата Тамара

12 лица ќе одговараат за смртта на малата Тамара од Велес. Основното јавно обвинителство покрена обвинение за несовесно работење во службата против петте члена на првостепената и второстепената комисија, против двајцата тогашни директори на ФЗОМ и претседателот на УО на ФЗОМ.

Во соопштението од обвинителството се наведува дека во текот на истрагата од повеќе болници и институции била обезбедена целокупната документација за лекувањето на сега починатото дете и било расговарано со сите инволвирани.

-Мислењето дека не се исцрпени можностите за лекување на пациентот во Република Македонија тие го донеле по истекот на законски предвидениот рок и е спротивно на мислењето на Стручниот конзилиум на УК ТОАРИЛ УЦ. Притоа предвид ја зеле изјавата на тогашниот министер за здравство кој најавил дека пациентите со деформитет на ’рбетот во иднина нема да одат да се лекуваат во странство, затоа што оперативните зафати ќе се вршат во новоформиран Спинален центар на Клиниката за ортопедски болести во Скопје. Постапувајќи по ваквото мислење, двајца од обвинетите во својство на директори на Фондот за здравствено осигурување донеле Решение со кое барањето за лекување во странство се одбива како неосновано. Истото Решение било потврдено и од сега обвинетите членови на Второстепената лекарска комисија, а конечно потпишано од обвинетото лице во својство на претседател на Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување, без притоа да се одржи седница на Управниот одбор, стои во соопштението од ЈОРМ.

Од обвинителството посочуваат дека за истиот предмет три лица се ослободени од обвинение бидејќи немале овластувања да одлучуваат и не учествувале во одлучувањето за лекувањето на починатото дете.