Свет
21. May 2019 - 14:51

Покрената кривична постапка против Петро Порошенко за предавство

Украинското Државно истражно биро денеска соопшти дека покренало кривична постапка за предавство против поранешниот претседател на Украина, Петро Порошенко.

Во соопштението се наведува дека со постапката се опфатени и други официјални претставници и дека во тек е предистражна постапка.

Постапката се однесува на инцидентот во Керчинскиот Тенсец на 25 ноември 2018 година, кога руските сили запленија три украински воени брода и ги уапсија членовите на нивните екипажи, под обвинение дека „неовластено влегле во територијалните води на Русија“.

Целиот случај е покренат по иницијатива на Андриј Портнов, заменик шеф на кабинетот на претходникот на Порошенко на претседателската функција Виктор Јанукович.

Мандатот на Порошенко на местото шеф на украинската држава истече вчера.

Судот во Киев пред четири дена почна постапка за забрана за излез од земјата за Порошенко и уште 180 други лица, меѓу кои и премиерот Владимир Гројсман, над 40 високи служебници во Владата, портпаролот на Врховната рада Андриј Парубиј, претседателот на Управниот одбор на „Нафтогаз“ и судии од Врховниот суд.
 
Судот соопшти дека обвинител, чие име не е наведено, побарал на наведените лица да им се забрани напуштање на Украина.

Во април Аудот почна постапка врз основа на тужба поднесена од новинарот Александар Дубински, во која се бара на функционери и политичари да се забрани излез од земјата во рок од една година по парламентарни и претседателски избори.