Македонија
23. July 2016 - 13:03

Показна вежба на Секторот за внатрешни работи од Охрид

Единици на МВР денеска во Спортско-рекреативниот центар „Билјанини извори“ разработуваа тактики и увежбуваа методи на справување со нарушувања на јавен ред и мир, поточно справување со нереди на музички концерт.

На показната вежба присуствуваше и највосокото раководство на МВР предводено од министерот Митко Чавков и директорот на Бирото за јавна безбедност Горанчо Савовски.

Министерот Митков истакна дека МВР последните десетина години изгради силни функционални и институционални капацитети за воспостаување на најдобрите европски практики и стандарди при справување со сите предизвици.

- Заедно со зајакнување на капацитетите со млад и обучен кадар успеавме да изградиме високи системски капацитети кои се гаранција за високо ниво на безбедност во земјата, вклучително и во Охрид. Потврда за тоа се многуте акции што МВР ги спроведе деновиве. Во контекст на стимулација или давање импут на зајакнување на капацитетите е и оваа посета на Охрид, присуствувајќи на оваа активност на СВР Охрид, симулирајќи тактичка вежба во која беа вклучени млади кадри од криминалистичката и униформираната полиција, рече Чавков.

Тој притоа истакна дека полицијата има доволно капацитет за обезбедување безбедност и јавен ред и мир, како за граѓаните на Охрид, така и за гостите кои летуваат тука.

- Нашето присуство е континуирано и перманентно за цело време на туристичката сезона и се надевам дека преку координирани мерки на превентивен и репресивен план ќе обезбедиме стабилно безбедносно ниво во Охрид, рече министерот Чавков.

Што се однесува на кадровската состојба во СВР Охрид и распишаниот конкурс за прием на нови службеници во овој регион, Чавков нагласи дека во Охридско-струшкиот регион, значително се подигнати персоналните капацитети преку враќање на полициски службеници од прва, втора и трета генерација кои имаат завршено курс за полицајци, а беа на работа во Скопје.

- Тие се вратени сега тука на регионално ниво, покрај нив минатата година примивме и полициски службеници со високо образование во крим-полицијата така што сега имаме оптимална бројка со која може да се покрива регионот, но се уште има извесен недостаток што сакаме да го оптимизираме, не само во СВР Охрид туку и на Регионалниот центар Запад, рече Чавков, истакнувајќи дека со тековниот конкурс и новите примања кадри ќе бидат задоволени сите потреби и полицијата ќе има персонален капацитет што ќе гарантира безбедност во регионот.