Свет
30. September 2016 - 12:26

Погребан Шимон Перес

Поранешниот израелски претседател и добитник на Нобеловата награда за мир Шимон Перес погребан е денеска во Ерусалим, после емотивната церемонија на која присуствуваа лидери и функционери од целиот свет, меѓу кои и македонскиот премиер Емил Димитриев.

Перес е погребан на националните гробишта, каде се погребани повеќето негови претходници.

Ковчегот го носеа осум припадници на почесната гарда. На погребната церемонија присуствуваа и илјадници почитувачи на неговата седум-децениска кариера.

Перес почина во средата изутрина од компликации од мозочен удар, во 93. година од животот.

- Покажа дека правдата и надежта се срцето на ционистичките идеали, изјави американскиот претседател Барак Обама на погребот.

- Перес им обезбеди средства на Евреите за да ја бранат својата слобода и постави темили за оружените сили, кои ги добија израелските војни, рече Обама, носејќи притоа еврејско капче, јармулку.

- Перес осигура и нераскинливи врски на Израел и САД и други земји, додаде Обама, кој беше последен во низата говорници на погребот.

Освен Обама, на закопот присуствуваше и палестинскиот лидер Махмуд Абас, претседателите на Франција и Германија, Франсоа Оланд и Јоаким Гаук, како и многу други државници од светот. Исто така присуствува премиерот на Канада Џастин Трудо, претседателот на Мексико Енрике Пења Нието, принцот Чарлс, поранешниот британски премиер Тони Блер, и шпанскиот крал Фелипе Шести. На погребот беше најавено присуство и на лидерите на Австралија, Чешка, Германија, Италија, Полска и Шведска, како и претседателите на Бугарија, Србија и Хрватска Росен Плевнелиев, Томислав Николиќ и Колинда Грабар Китаровиќ.

Израелското Министерството за надворешни работи соопшти дека 20 претседатели и 15 шефови на дипломатии најавиле дека ќе присуствуваат на погребната церемонија на Перес, кој во 1994 година ја доби Нобеловата награда за мир, заедно со покојниот палестински лидер Јасер Арафат.

На погребот, кој како што го оцени Си-Ен-Ен е делумно погреб, но делумно мировна конференција, на исто место се најдоа израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и палестинскиот претседател Махмуд Абас, нешто што не му успеало на ниту еден медијатор во последните години. Пред почетокот на церемонијата на ридот Херцел, израелскиот Нетанјаху се ракуваше со палестинскиот претседател Махмуд Абас, соопшти ТАСС.

Во Израел се воведени зајакнати мерки за безбедност, при што осум илјади полицајци се мобилизирани во операцијата за која началиникот на полицијата во Ерусалим рече дека е без преседан.