Бизнис
10. February 2019 - 16:32

Погранични општини во акција за нулта толеранција на отпад

Дојран од македонска и Серес од грчка страна заеднички ќе работат на заштитата на животната средина и намалување на отпадот во прекуграничниот регион.  Целта е да се добијат енергетско ефикасни земјоделски заедници со нула отпад, а истата ќе се постигне со одржливо управување и рециклирање на био отпадот. Се работи за проект кој се реализира преку ИПА 2 програмата.

Освен демонстрација на  модел кој ќе овозможи производство на био гас и компост во срединте во кои е развиена земјоделска дејност преку проектот ќе се реализираат и низа други активности кои имаат за цел интервенција во заштитата на животната средина, подобрување на квалитетот на воздухот, зголемена безбедност на храната.

„Во самиот проект имаме изработка на био гасна централа за училиштето во Нов Дојран, добиваме одредена помош за набавна на опрема за комуналното претпријатие. Се работи за канти и контејнери, опрема за собирање на смет, односно возило за собирање сметот и ред друга комунална опрема која што ќе го подобри функционирањето на комуналното претпријатие. Така што мислам дека овој проект ќе придонесе и тоа како за подобрувањето и на услугите и на самото комунално претпријатие“, вели Анго Ангов, градоначалникот на Општина Дојран.

Од општина Дојран потенцираат дека зголемената употреба на био отпадот како ресурс за производство на енергија за сметка на употребата на фосилните горива ќе доведе до почиста и поздрава животна средина.

Вкупниот буџет на проектот изнесува околу 1 милион и 350 000 евра. Од нив нешто повеќе од 434 000 евра се наменети за активностите во општина Дојран. Планираниот период на реализација е 2 години.