Бизнис
16. November 2018 - 19:47

Поголема поддршка за младите да почнат сопствен бизнис

Државата со пари, простор и советодавни услуги им помага на младите да отпочнат свој бизнис. За отварање сопствена фирма може да добијат помош од 5.000 евра, односно 10.000 евра доколку е партнерски бизнис. А секој млад човек до 29 години може да добие 17.000 евра за самовработување. Државата од буџетот за следната година ќе одвои 6,8 милиони евра за поддршка на старт ап и спин оф компании.

“Првиот чекор е да се сака, да се верува во себе. Но, не очекувајте успех, тоа не е загарантирано. Но, верувајте во себе и во успехот.Треба да бидете спремни на многу мака, труд, пот, работа, но и за преземање ризик”, изјави Кочо Анѓушев, вицепремиер задолжен за економски прашања.

Освен пари, државата преку отворените акцелератори нуди бесплатен простор и основни технолошки услови за работа на старт ап компаниите. Младите во акцелераторот ќе добијат и основна обука за водење бизнис.

“Се трудиме да овозможиме услови за студентите да се вклучат во реалното работење на компаниите. Деновиве почна со работа акцелераторот што ќе им помогне на младите да ги реализираат своите идеи, да ги израснеме и да пронајдеме нивни партнери во стопанството”, изјави деканот на Машинскиот факултет.

Македонија има најмногу економски мерки во регионот за поддршка на младите луѓе да формираат сопствен бизнис. Целта е да се овозможат подобри услови за да се задржат тука, бидејќи земјава се соочува со голем одлив на млади стручни кадри.