Бизнис
5. November 2018 - 15:54

Поголем данок за играчите на спортска: Од 1 јануари кладилниците ќе исплаќаат помалку пари

Од 1 јануари со измените на законот за персонален данок се менуваат и правилата во спортските обложувалници.

Имено, со измените, данокот на доход од игри на среќа ќе се плаќа по нова, единствена каматна стапка од 15%, што е зголемување за 50% или 5 процентни поени од актуелната стапка која изнесува 10%.

Во моментов, обложувалниците задржуваат по 10% од секоја добивка. Па така, ако сте уплатиле ливче за 100 денари и сте добиле 1000 денари, обложувалницата ќе ви исплати 910 денари, бидејќи на вашата добивка од 900 денари (1000 денари минус 100 денари уплата) се задржуваа 10% односно 90 денари.

Согласно измените, сега обложувалницата на ова ливче ќе задржи 135 денари, а вие ќе добиете 865 денари.
Уште поголема е разликата на поголеми добивки.Така, ако со 100 денари сте фатиле тикет од 10.000 денари обложувалницата до сега ви задржуваше 990 денари и исплаќаше 9.010 денари, а од  1 јануари ќе ви задржи 1.485 денари и наместо 9.010 ќе ви исплати 8.515 денари а остатокот ќе го уплати во УЈП.

Според последните податоци кои беа објавени од УЈП, минатата година, државата само од кладилниците на име персонален данок на доход од добивките инкасирала 38 милиони евра. Според таа математика, доколку граѓаните продолжат да се кладат и да добиваат со исто темпо, во 2019 година, државата само од обложувачите ќе заработи дополнителни 19 милиони евра.

Лани во кладилниците низ Македонија се уплатени близу 200 милиони евра, а исплатени 156 милиони евра.