Бизнис
19. February 2019 - 19:47

Поевтин интернет во Грција летово

Од летово македонските туристи во Грција со помали сметки за интернет во роаминг. Меморандумот што го потпишаа ресорните министри од Македонија и Грција налага до јуни да се случи првото намалување на цените за роаминг, најпрво за интернет сообраќајот, а подоцна и за другите услуги. Поевтинувањето ќе се одвива постепено, со цел во 2021 година целосно да се укине.

“Со Меморандумот се предвидува динамичко намалување на големопродажните и малопродажните цени во роаминг услугите со цел истите да дојдат на ниво како што важеа и во Европската Унија пред да се воведе принципот роаминг како дома”, вели Дамјан Манчевски, министер за информатичко општество и администрација.

И двете држави се согласни дека максималните цени за роаминг услуги треба да се изедначат со цените што се применуваат во Европската Унија.

“Сакам да потврдам во име на Република Грција дека сме спремни да ги преземеме сите легални мерки, сите правни мерки и сите алатки со цел граѓаните на двете земји многу бргу и пред туристичкиот период да видат намалување во сметките за телекомуникации”, вели Никос Папас, министер за дигитални политики и телекомуникации и медиуми на Грција.

Искуството покажува дека откако Македонија склучи вакви спогодби со Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина се зголемил сообраќајот на роаминг услугите, особено кај интернетот. Надлежните очекуваат исти ефекти и по договорот со Грција.