Македонија
26. August 2016 - 12:25

Поетско читање во Битола со поети од Индија, Бразил, Австралија, Мароко и од Македонија

Манифестацијата „Поезија на пат“ која се одржува во рамки на 55. издание на Струшките вечери на поезијата, денеска ќе приреди дисперзиран културен настан во Битола.

Битолчани ќе имаат можност да видат и чујат поети од Индија, Бразил, Австралија, Мароко и од Македонија кои ќе одржат поетско читање во малата сала на Битолскиот Центар за култура.

- Од Индија доаѓа поетот Шудип Сен кој ќе презентира дел од неговите најнаградувани книги како што се „Испратена Индија“, „Дожд“, „Арија“, „Ексфразис“ за која ја добил меѓународната поетска награда „Хорхе Заламеа“ и други. Заедно со Сен ќе биде и поетот од Мароко Џалал Ел Хакмаоуи, член на Куќата на поезијата во Мароко и Друштвото на писатели на таа држава, информираат од НУ Центар за култура-Битола.

Поетите од странство освен поетско читање ќе имаат прошетка низ градот, посета на поважните културно-историски споменици во Битола и средба со локалните писатели и поети, најголем дел членови на Друштвото на писателите на Македонија, Битолскиот книжевен округ и Македонското научно друштво-Битола.

- Наши гостин ќе биде и поетот Алекс Сковрон од Австралија чија поезија е објавувана во многу списанија и антологии во Австралија. Во Битола ќе чита делови од неговите збирки „Човекот и картата“, „Автограми“, „Кон Екваторот“ и други по негов избор, а публиката со голема љубопитност го очекува и настапот на поетот Тијаго Понсе де Мораиш кој доаѓа од државата на неодамнешните Олимписки игри, односно од Бразил каде работи како професор на Федералниот институт во Рио де Жанеиро. Во рамки на вечерашниот културен настан „Поезијата на пат“ ќе настапи и македонската поетесеа Виолета Танчева Златева, минатогодишниот добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата за најдобра поетска книга во 2015 година, потврдија од секторот за односи со јавност при НУ Центар за култура-Битола.