Македонија
16. September 2018 - 8:45

Поенти референдум: Референдумот е најмоќен облик на демократија

Референдумот е најмоќната алатка на демократијата.  Затоа на 30 септември граѓаните треба да излезат на гласање и да го кажат својот став во кој правец сакаат да се движи Македонија. Граѓанска должност е да се учествува во градењето на македонската иднина преку гласањето на референдумот, се дел пораките што ги упатија поддржувачите на референдумот вчера на Меѓународниот ден на демократијата.

- Референдумот е највозвишена вредност, највисок и најмоќен облик на непосредна демократија што го имаат граѓаните. Затоа на 30 септември масовно да излезат на гласање и да го кажат својот став во кој правец сакаат да се движи Македонија, порачаа пратениците Ивана Туфегџиќ, Бојан Петрески и Џевад Адеми од коалицијата ЗА европска Македонија, по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на демократијата - 15 Септември.

- Имаме историска шанса на 30 септември секој од нас да издвои по 30 минути и да направи Македонија да стане 30-та членка на големата и најмоќната одбранбена Алијанса-НАТО, рече пратеникот Џевад Адеми од ДУИ.

Неговата колешка Туфегџиќ вели дека референдумот е највисокиот и најмоќниот облик на непосредна демократија кој го има граѓанинот и оти тоа е моментот кога тој како суверен одлучува.

- Одлуката донесена на референдум и гласот искажан на референдум се конечни. Овојпат нашата одлука е во кој правец ќе оди Република Македонија - во правец на просперитетната сегашност и иднина или по патот на изолацијата, рече пратеничката.

Пратеникот Бојан Петрески истакна дека како младина сме исправени пред историски предизвик, бидејќи, како што рече, Македонија е на крстопат.

Тој ги повика младите да излезат да гласаат и да не ја направат грешката што ја направиле младите во Велика Британија кога оставиле одлуката за Брегзитот да ја донесат други наместо нив.  Таму младите, рече, ја направија таа грешка, не излегоа масовно за Брегзит, други одлучија за нив. Сега кога сфатија дека повозрасните  донесоа погрешна одлука е доцна.

Државниот министер за Европа  при германското МНР, Михаел Рот посочи дека македонските граѓани на претстојниот референдум треба да покажат храброст и да испратат јасен сигнал за членство во ЕУ и НАТО, бидејќи европската перспектива гарантира добра иднина за сите, особено за младите.

- Со референдумот, Македонците не го купуваат своето членство во две моќни организации, како што сакаат националистите да ја претстават состојбата. Со референдумот тие доброволно ќе ја изгласаат својата иднина, која секако дека ќе биде подобра од животот закован во времето на Филип и Александар, вели во интервју за МИА угледниот српски надворешно-политички аналитичар Бошко Јакшчиќ.

- Сите оние кои го минираат, кои повикуваат на бојкот, собираат евтини националистички поени. И што доколку успеат, што доколку на овој начин се вратат на власт, со каква држава би управувале? Русија како осамена голема сила на сите начини работи да не дојде до договор со Грција, вели Јакшиќ.

Потпретседателот на СДСМ и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски вчера во Радовиш истакна дека референдумот е најзначајниот облик на демократија. - Граѓаните одлучуваат и нивниот глас е последен и мора да се почитува. Граѓанска должност е да учествуваме во градењето на македонската иднина и затоа, на 30 септември да излеземе на референдумот и да гласаме ЗА европска Македонија, порача Спасовски на средбите со радовишани.

Тој на Меѓународниот ден на демкратијата  зборуваше и за придобивките од влезот во ЕУ и НАТО, а од граѓаните на Радовиш побара да покажат одговорност и самите на 30 септември да одлучат за сопствената, но и за иднината на следните генерации.

Националниот координатор за НАТО Стево Пендаровски пред граѓаните на Неготино порача дека на 30 септември треба да се остави настрана политиката и да се биде посветен на референдумското прашање и со негово прифаќање, да се влезе во ЕУ и НАТО.

Референдумското прашање, според него, е повеќе од јасно. Од 2008 година Македонија е блокирана во тие две институции токму поради тоа прашање. Нагласи и дека договорот со Грција не е штетен за Македонија и не треба да постои никаков страв околу тоа. 
 
Пендаровски рече дека и оние што ќе гласаат против, а и тие што ќе останат дома, се потполно рамноправни во Македонија и ништо нема да им фали после 30 септември. Но, додаде, опцијата „за” е најдобрата карта која може да се одигра, како нација и како држава.

Премиерот Зоран Заев на трибината во скопската општина Гази Баба посочи дека важноста на референдумот е иста, како на тој пред 27 години, затоа што ако тогаш ја обезбедивме независноста на државата, сега од оваа одлука зависи дали ќе си ја осигураме и обезбедиме иднината на нашата независна Македонија.

- Има се уште луѓе кои се излажани и изманипулирани, заради тоа што сериозни политички структури во државата немаат изградено став. Став по најважните прашања за нашата заедничка Македонија. Затоа ќе зборуваме се до 30-ти. Одлуката е сериозна, а шансата е неповторила и неповратна. Оваа одлука имаат право да ја носат само и единствено граѓаните на Република Македонија и никој друг, рече Заев.