Македонија
20. November 2015 - 18:09

Поедноставена постапката за здравствено осигурување на маргинализираните групи

Поедноставена е постапката за здравствено осигурување на маргинализираните групи и лицата со ниски примања. Од оваа година, ФЗОМ се откажа од пререгистрација на здравственото осигурување на невработените и лицата со пониски примања, како и од кривичните пријави кои беа поднесени поради лажни изјави за остварени приходи.

Ова го соопштија од НВО РОМА СОС од Прилеп на трибина која се одржа во Делчево во соработка со НВО КХАМ.

Несиме Салиоска, извршен директор на РОМА СОС, истакна дека денешната трибина е со цел да се информираат граѓаните за законската постапка која се однесува на правото на здравствено осигурување.

- Како резултат на нашите залагања се случија две законски измени. Се укина пререгистрацијата преку ФЗОМ и веќе од оваа година граѓаните немаат потреба да поднесуваат изјава за остварени приходи во ФЗОМ. Од оваа година ФЗОМ во соработка со УЈП на домашна адреса ги доставува решенијата. Во ситуација, кога Фондот ќе утврди дека граѓаните минатата година оствариле приход над 105 илјади денари, тогаш се доставува решение за прекин на правото, рече Салиоска.

Таа потенцираше дека ќе бидат избришани од казнената евиденција и лицата кои добиле кривични пријави за лажни податоци за остварени приходи во поднесените изјави до Фондот. Во промената на овој Закон, се чека Упатство од Министерството за правда за начинот на бришење на овие лица од казнената евиденција, рече Салиоска.

Секоја година над 107 илјади осигуреници се соочуваа со прекин на правото на здравственото осигурување поради пропуштање на рокот за поднесување изјава за остварени приходи, додека ФЗОМ поднесе кривични пријави за лажни изјави против 6760 осигуреници. Со законските измени, овие категории лица сега можат да здивнат, додаде Салиоска.

- Апелираме до сите граѓани да се обратат до Фондот и да проверат, дали се тие едно од лицата против кои има поднесено кривична пријава и потоа да ја преземат постпката за бришење на нивното име од казнена евиденција, бидејќи во иднина ќе имаат проблем во вадење на документи за неосудуван, истакна Салиоска.

Во регионот што го покрива НВО КХАМ од Делчево, имало само десетина лица кои се соочиле со опасноста да бидат обележани како криминалци во сопствената држава, истакна Зоран Биковски од НВО КХАМ.

- Во нашиот регион имаше 10-ина лица кои имаа прекин на здравственото осигурување или се наоѓаа пред некоја кривична постапка. Ние вложивме напори да се надмине таа ситација и еве преку оваа едукација и вакви слични трибини, се обидуваме да им помогнеме на лицата и да им укажеме како можат да го остварат правото на здравствено осигурување.

НВО РОМА СОС од Прилеп во соработка со здруженија од 10 општини од Македонија изминатиот период работеа на оваа проблематика и ги иницираа законските измени.