Бизнис
27. September 2018 - 19:46

Подземната сообраќајница кај Јужен готова за две години, турски Лимак почна со градба и на мултифункционален комплекс

Старт на изградбата на мултифункционалниот комплекс кај старата железничка станица.

Проектот е турска инвестиција вредна 250 милиони долари, а се протега на површина од 325.000 метри квадратни.

Изградбата треба да заврши за 3 години, а продажбата ќе почне уште во текот на следниот месец. Проектот нуди вработувања за 1.500 лица.

“Секогаш бараме прилики за да инвестираме овде бидејќи веруваме во квалитетот и образованието на работната сила и економските динамики на Балканот, а особено во Македонија”, изјави Сердар Баџаксиз, член на УО на ЛИМАК ХОЛДИНГ.

Комплексот предвидува станбен и деловен простор, хотел, трговски центар, простор за забава и рекреација, угостителски објекти и паркинг за 2.800 возила.

“Паралелно со овие активности ЛИМАК ХОЛДИНГ ја стартуваше изградбата на подземниот булевар што се планира да биде завршен за период од 22 месеци. Станува збор за модерна подземна улица налик на европските метрополи која што од двете страни ќе биде поврзана со новите кружни текови планирани во овој дел од градот. Двонасочен коловоз со 6 ленти со должина од 800 метри ќе го дислоцира булеварот Македонија под земја и во голема мера ќе придонесе за олеснување на сообраќајниот метеж во Скопје”, изјави Зоран Заев, претседател на Влада на РМ.

Компанијата ЛИМАК ХОЛДИНГ, со седиште во Турција, е основана пред 42 години. Распространета во 15 држави вработува над 70.000 лица.