Бизнис
17. January 2019 - 21:31

Подобра инфрастуктура за поголема трговија меѓу Македoнија и Бугарија

Лошата патна и железничка инфрастуктура меѓу Македонија и Бугарија е главна пречка за развој на бизнисите на двете држави. На заедничка средба стопанствениците упатија апел до нивните власти, да се фокусираат на развојот на инфраструктурата. Тоа ќе ја олесни работата на бизнисите, а ќе придонесе и за раст на трговската размена меѓу двете земји.

“Моето прашање до вицепремиерите на двете држави беше дали тие размислувале за промена на приоритетот во изградбата на таа железница. Ако се изгради прво делницата од Куманово кон Бељаковце, тоа ќе има многу лимитиран економски ефект. А доколку се почне од Деве Баир кон Крива Паланка, таму во моментов првата делница е завршена и реално има спој со бугарската железница. Тоа е веќе огромен економски ефект и за двете страни бидејќи Македонија ќе има железнички пат до бугарското пристаниште, а за бугарската железница тоа би значело промет што би го имале од Македонија”, вели Паун Иванов, бизнисмен од Бугарија, кој веќе 11 години работи и во Македонија.

Властите од двете држави посочија дека ќе се посветат на олеснување на административните бариери, како и на подобрување на инфраструктурната поврзаност.

 “Реализацијата ќе биде во зависност од тоа како ќе биде брза градбата, а градбата е брза во зависност од тоа колку бргу ќе се спроведат тендерските постапки и колку бргу изведувачите ги извршуваат своите обврски. Ќе направиме сè што е потребно”, изјави Кочо Анѓушев, вицепремиер задолжен за економски прашања.

“За нас железничкото поврзување со Македонија е еден од приоритетите”, вели Томислав Дончев, потпретседател на Совет на Министри на Бугарија.

Според надлежните, подобра инфраструктурна поврзаност ќе придонесе и за развој на туризмот.

“Ќе се посветиме да им помогнеме на операторите и од Македонија и од Бугарија заеднички да настапиме во трети земји, заеднички да привлечеме туристи од трети земји”, изјави Кире Наумов, заменик министер за економија.

Лани трговска размена меѓу Македонија и Бугарија заклучно со ноември изнесува околу 590 милиони евра.