Македонија
20. March 2016 - 13:28

Поднесени 13 кривични пријави против 24 лица од акцијата „Гора“

СВР Скопје, постапувајќи по акцијата „Гора“, поднесе 13 кривични пријави против 24 лица (седум од Велес другите од Скопје) поради постоење основи на сомнение за сторени вкупно 18 кривични дела од кои: по шест „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „вршење јавен превоз без поседување лиценца“, две „кражба“ и по едно „фалсификување службена исправа“, „помагање“ в.в „злоупотреба на службена положба и овластување“, „фалсификување или уништување деловни книги“ и „прикривање“.

Со сторените дела пријавените стекнале противправна имотна корист од околу 350 000 денари и предизвикале јавна штета од околу 3.700.000 денари.

Во првиот случај е поднесена кривична пријава против 11 лица (седум од Велес и четири од Скопје), против С.П.(49) за „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „фалсификување службена исправа“ додека против С.Ј.(57), Т.А.(64), Б.Т.(77), В.Г.(78), Ѓ.С.(78), С.Т.(59), Б.К.(47), М.А.(45), А.К.(54) и С.В.(64) за „помагање“ в.в „злоупотреба на службена положба и овластување“.

Првопријавениот, во својство на службено лице, во временскиот период 2012/2014 година, ја злоупотребил својата службена положба и овластување на начин што спротивно на одредбите од Законот за шуми, постапувајќи по барања за издавање одобрение за сеча, поднесени од останатите пријавени лица, не излегол на лице место во шума (катастарски пацели во општините Дреново, Блаце-Кале, Степанци, Раштак,  Капиново,  Поменово и Дивље) и не извршил означување на стебла за сеча, при што на едно лице и двајца од пријавените им издал записници во кои навел дека се исполнети условите за сеча на огревно дрво, а на девет од пријавените лица им издал евидентни картони во кои внел невистинити податоци за возраст, смеса, бонитет, податоци за степен на очуваност на дрвото, квалитет,...

По основ на наплата за наводно извршена ознака за сеча првопријавениот противправно стекнал 267.600 денари, при тоа согласно Правилникот за висината на цената за штети во шума, според кои за огревно дрво бука висината на штетата изнесува 7.000 денари за 1 метар кубен, ја оштетил заедницата за износ од 3.658.900 денари за вкупно исечена и изнесена дрвна маса во количина од 522,70 метри кубни.

Во вториот случај е поднесена кривична пријава против Х.Р.(54) за „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „фалсификување или уништување деловни книги“.

Пријавениот во својство на  референт за превоз во 2014-та при испорака на дрвна маса од продавач до купувач (правно лице од Скопје) заверил испратница, чиј прв примерок го дал на купувачот кој извршил легален превоз на огревно буково дрво за количина од седум метри кубни, во сопствен склад, додека во вториот примерок наменет за сметководство внел невистинити податоци за испорачана помала количина на дрвна маса два метра кубни, врз основа на кој е извршена наплата од правното лице од Скопје. Со наведеното дејство, пријавениот го оштетил ЈП „Македонски Шуми“- ПШС Караџица за 9.322 денари и прибавил противправна имотна корист за правното лице од Скопје.

Во третиот случај е поднесена кривична пријава против Д.Б.(41) за две кривични дела: „злупотреба на службена положба и овластување“.

Пријавениот во својство на службено лице-шумски полицаец во ШПС Скопје, и покрај тоа што бил дел од патрола на Шумска полиција која извршила контрола во два наврати во 2013 и 2014 година на двајца сторители на прекршок без да изготви никаков документ им вратил две возила натоварени со огревни дрва кои предходно поради сторен прекршок казнив од Законот за шумите се одземени од сторителите. На тој начин, пријавениот на сторителите на прекршокот им овозможил да стекнат противправна имотна корист во вредност на вратените возила и во вредност на вратеното огревно дрво даб и габер во вкупна количина од 6,5 метри кубни, вредни 18.655 денари.

Во четвртиот случај е поднесена кривична пријава против С.П.(49) за две кривични дела „злупотреба на службена положба и овластување“.

Пријавениот во својство на  шумски полицаец и покрај тоа што бил дел од патрола на Шумска полиција која извршила контрола во два наврата, во 2012 и 2013 година, на двајца сторители на прекршок им вратил две возила натоварени со огревни дрва  кои предходно поради сторен прекршок казнив од Законот за шумите се одземени од сторителите.  На тој начин им овозможил да стекнат противправна имотна корист во вредност на вратените возила и во вредност на вратеното огревно дрво  во вкупна количина од 22,5 метри кубни, во износ од 64.575 денари.

Во шест случаи се поднесени кривични пријави против Н.Д.(43), И.З.(31), Р.И.(37), А.Д.(32), Ш.Д.(32) и Ш.Д. (34) за „вршење на јавен превоз без поседување на лиценца“. Пријавените во повеќе наврати како возачи на камиони, извршиле јавен превоз на  дрвни сортименти од место на сеча до складиште на правно лице без да поседуваат лиценца за вршење јавен превоз на стоки.

Во единаестиот случај е поднесена кривична пријава против Ф.Ј.(24) за кривично дело „кражба“. Пријавениот откако предходно во точно неутврдено време во околината на местото Кодра Фура противправно присвоил беспрано исечено од туѓа шума огрвно буково дрво во количина 2,40 метри кубни без жиг и соодветна документација, со намера да изврши превоз на истото од село Брест до неговото живеалиште во Арачиново, предметното дрво го натоварил на камион и движејќи се по патот кон Арачиново во село Побожје пропаднал во канал покрај патот, по што го оставил возилото и побегнал. Возилото подоцна било пронајдено од полициски службеници.

Во дванаестиот случај е поднесена кривична пријава против В.Т.(29) за „кражба“. Пријавениот заедно со друго лице, на 4 ноември 2015 година од туѓа шума извршиле бесправна сеча и одзеле повеќе стебла огревно дрво-бука, без жиг и соодветна документација во количина од пет метри кубни и ги натовариле во возило по што се упатиле на ул. Малешевска каде биле забележани од  полициски службеници.

Откако им бил даден знак да го сопрат возилото, продолжиле да се движат и по одредено застанале, излегле од возилото и со трчање се дале во бегство во непознат правец, оставајќи го на земјениот пат возилото натоварено со огревно дрво. Со наведеното дејствие ја оштетиле заедницата за 35.000 денари.

Во тринаесетиот случај е поднесена кривична пријава против Х.Ш.(21) и А.М.(51) за „прикривање“. Пријавените на 01.02.2016 година од непознато лице купиле огревни дрва даб во количина од 1,4 метри кубни без жиг и соодветна документација. Со цел натамошна препродажба, ги натовариле во возило Форд Транзит и се упатиле во село Драчево каде биле забележани од полициски службеници. На даден знак да запрат, продолжиле да се движат кон село Студеничани, оневозможувајќи ги полициските службеници да ги пресретнат. Кога пристигнале на раскрсницата за влез во Студеничани, А.М. излегол од возилото и се дал во бегство, но бил фатен и приведен, додека Х.Ш. продолжил да вози, но набрагу излетал од патот во канал покрај нива и се дал во бегство.