Loading Video...
Ракомет
23. October 2019 - 18:35

Подмладената ракометна репрезентација на Македонија одигра нерешено против селекцијата на Италија

 
 
Во рамките од ЕХФ неделата, машката ракометна репрезентација на Македонија, попладнево во турскиот град Ескишехир го одигра вториот од четирите предвидени контролни натпревари. 
 
Откако вчера подмладениот состав кој во Турција го поведе селекторот Данило Брестовац ја совлада домашната селекција на Турција со 26-23, денеска жолто-црвените одиграа без победник 26-26 против репрезентацијата на Италија. 
 
Селекторот Брестовац на овој меч поголема минутажа им даде на помладите, а кои од нив ја оправдаа довербата останува да се види. 
 
Со таков состав првиот дел од мечот заврши нерешено 12-12, а во вториот, Азурите имаа и највисоки пет гола предност 21-16. Сепак во финишот од мечот нашите ракометари успеаја да ја анулираат негативата и да се изборат за „реми“ 26-26. 
 
Најефикасен во нашиот состав беше Поповски со 8, додека Пешевски и Танкоски постигнаа по 4 гола. 
 
По овие два меча, нашите ракометари се враќаат во Скопје, каде веќе во петок и сабота ќе ги одиграат дуелите против Грузија. 
 
За натпреварите кои ќе се играат во СЦ Борис Трајковски, селекторот Брестовац на располагање ќе ги има и поискусните: Кире Лазаров, Борко Ристовски, Дејан Манасков, Филип Талевски и Филип Кузмановски. 
 
Овие дуели како и настапот во декември на „Трофеј Карпати“ ќе му послужат на Брестовац како подготовка, но и филтер на играчите кои во јануари ќе треба да настапат на ЕП. 
 
Натпреварите против Грузија ќе се играат во петок (25.10 во 20 часот) и сабота (26.10 во 18 часот) во СЦ „Борис Трајковски“, а влезот ќе биде слободен.