Македонија
3. October 2020 - 16:30

Подготовки за избори во Штип на 13-ти декември

На 13 декември штипјани излегуваат на избирачките места. ДИК синоќа го донесе Роковникот за предвремени избори за градоначалник на Општина Штип. Јавниот увид во Избирачкиот список започнува на 17 октомври и завршува на 5 ноември. Кандидатурите за градоначалник треба да се достават до 7 ноември.

Изборната кампања започнува на 21 ноември, а завршува на 10 декември. Доколку има втор круг, изборната кампања се пролонгира до 24_ти, а изборниот ден ќе биде на 27 декември.

ДИК го усвои и Упатство за гласање на лицата кои се во домашен карантин поради позитивен тест на Ковид-19 или на кои им е одредена мерка самоизолација со решение од Државен санитарен здравствен инспекторат. ИК ќе поднесе барање до МВР за ажурирање на Избирачкиот список, како и барање до Министерството за информатичко општество и администрација за доставување  податоци за дополнување на избирачките одбори. Усвоено е и Упатството за начинот и постапката за утврдување за просечна постигната цена и најниска цена за политичко рекламирање. Предвремените избори ќе се реализираат од причина што до скорашниот прв човек на општината, Благој Бочварски беше поставен за министер за транспорт и врски, а функцијата ВД градоначалник до избор на нов, ја врши Јане Миланов, поранешен претседавач на Советот.