Македонија
4. July 2018 - 8:27

Подготовки за договорот - референдум во Македонија, парламентарно мнозинство во Грција

Македонската влада се подготвува за референдум за договорот за името, додека грчката Влада посакува најголемо можно парламентарно мнозинство откако коалицискиот партнер во Владата и министер за одбрана, Панос Каменос на вонредна прес конференција рече дека за Договорот од Преспа треба да одлучи народот на референдум или да има избори, доколку не биде изгласан со зголемено мнозинство од 180 пратеници.

Премиерот Зоран Заев вчера изјави дека не се знае референдумското прашање, но посочи дека во прашањето ќе бидат договорот со Грција, како и ЕУ и НАТО.

- Заедно со сите политички чинители и со граѓанскиот сектор ќе одлучиме дали референдумот ќе биде консултативен или обврзувачки, но она што треба сите да го знаат е дека резултатот ќе биде задолжителен. Тоа значи ако референдумот помине ќе треба да ја почитуваме волјата на граѓаните, да гласаме во Парламентот и да работиме, особено на реформите и на процесите кои следуваат, рече Заев.

Најверојатно, како што додаде, ќе останат роковите, крајот на септември и почетокот на октомври за референдумот и во тоа ќе помогнат Државната изборна комисија и експертите во Парламентот.

Вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска вчера порача дека фокусот на Владата во моментов е насочен кон Самитот на НАТО, закажан за 11 и 12 јули во Брисел, а откако Македонија ќе ја добие долгоочекуваната покана, енергијата ќе биде насочена кон референдумот за договорот со Грција.

- Навистина фокусот ни е да направиме се во 2018 да го добиеме она што го испуштивме во 2008 година. Во меѓувреме разговараме, се консултираме со правници, се консултираме со експерти и очекуваме по Самиотот на НАТО за оваа тема да се носи одлука таму каде што треба, а тоа е во Собранието на РМ, рече Шекеринска.

Кабинетот на Алексис Ципрас во однос на Договорот објави дека Владата на Грција ќе се држи до она што го предвидува Договорот и оти желбата е да постои најголемо можно парламентарно мнозинство.

- Желба на Владата е Договорот за решение на проблемот што со години ѝ тежеше на нашата надворешна политика да има најголемо можно мнозинство во Парламентот. Штом другата страна ги исполни обврските што произлегуваат од Договорот, Владата ќе донесе одлуки што се однесуваат колективно на процесот на ратификација, секогаш почитувајќи ги меѓународните обврски и Уставот на земјата, коментираат од Кабинетот на грчкиот премиер.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, од Кабинетот на Ципрас потсетуваат дека грчката страна дала согласност за почеток на преговори за нашата земја, кои ќе резултираат со протокол за интеграција, „само доколку успешно завршат уставните реформи и референдумот“, нешто што најрано ќе заврши на крајот од годината. 

Соопштението - коментар од Кабинетот на премиерот на Грција следи откако лидерот на Независни Грци, коалицискиот партнер во Владата и министер за одбрана, Панос Каменос одржа вонредна прес конференција на која рече дека за Договорот од Преспа треба да одлучи народот на референдум или избори, доколку не биде изгласан со зголемено мнозинство од 180 пратеници.

Министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас вчера во интервју за грчкото радио „Сто Кокино“ кажа дека за Договорот постои мнозинство пратеници во Парламентот во Грција.

- Договорот е многу добар, не отстапува национален суверенитет за да се поставуваат како предуслов 180 гласови во Парламентот. Каменос ги знае овие работи и прави политички избор, рече шефот на грчката дипломатија во интервјуто