Македонија
1. October 2015 - 15:07

Поддржани измените на Законот за трговски друштва, во прво читање

Собранието на Република Македонија денеска го поддржа Предлог законот за измени и дополнувања на Законот за трговски друштва, во прво читање, и препорача негово проследување во натамошна собраниска процедура. 

Целта на предложениот закон е усогласување со новиот Закон за прекршоци кој предвидува примена на нова методологија за пресметка на глобите според критериумите „вкупен приход остварен во претходната фискална година“, „просечен број на вработени“ и „претходно поведение на сторителот“. На овој начин, според Министерството за економија, правните лица со помал вкупен приход и помал број вработени ќе плаќаат пониски казни за исти прекршоци во однос на казните кои ќе ги плаќаат правните лица со поголем вкупен приход и поголем број вработени.

Пратениците од СДСМ побараа поголемо намалување на казните и посочија дека за малите и средните фирми казните со предложениот закон се се уште превисоки. Закон за пониски казни, како што наведоа, предложиле уште во 2012 година, а власта сега го предлага предизборно. Сметаат дека намерата на Владата  за намалување не е искрена затоа што, како што тврдат, со буџетот за следната година е предвидена повисока ставка од глобите.

Таквите тврдења, според пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не се точни, а законските измени се дел од ветената партиската програма на изборите со цел натамошно подобрување на бизнис климата, но не предизборно решение.

Пратеникот Хари Локвенец од СДСМ рече дека наплаќањето на казните во изминатиот период се користело како механизам за полнење на буџетот.

Во реплика заменик-министерот за економија Христијан Делев негира дека Буџетот се полни од казни и посочи оти законот е донесен во соработка со стопанските комори, занаетчиите и контакти со граѓаните.

- Има значително намалување на казните. Ако едно мало претпријатие плаќало казна од 1.500 евра сега казната ќе биде 250 евра, наведе Делев, потенцирајќи дека казните се последната мерка што ја преземаат инспекторите.

Според Димитар Стевананџија од ВМРО-ДПМНЕ, станува збор за позитивно законско решение со кое генерално се намалуваат глобите од 50 до 70 проценти, а за некои и до 90 проценти, зависно од критериумите по кои е направена методологијата за пресметка на казните. 

На продолжението на 67. седница пратениците ги поддржаа и предлог законите за изменување и дополнување на законите за  метрологија и за возила, во прво читање.

Седницата на Собранието ќе продолжи по редовната пауза на пратениците.